Научници од Универзитетот во Калифорнија истражувале какво е влијанието на овошните сокови, целото овошје и смутијата врз здравјето на луѓето.
Овошните сокови имаат најлошо влијание врз здравјето
Лицата постари од 10 години би требало секој ден да јадат барем 400 грама овошје и зеленчук, гласи препораката на Светската здравствена организација. Овошјето најчесто го консумираме свежо, измиксано во смути или исцедено во сок, а како овие начини на консумација влијаат врз здравјето, анализира студијата објавена во списанието „Фронтиерс ин нутришн“ (Frontiers in Nutrition).
Во студијата биле анкетирани повеќе од 400 луѓе, поделени во четири групи: оние што јадат цело овошје, оние што пијат смутија, оние што пијат овошни сокови и оние што јадат малку овошје. Резултатите откриле значајни разлики во здравствените резултати. Групата што консумирала овошни смутија покажала најдобро општо здравје, со најниска преваленција на хипертензија (18,60 отсто), најниска зачестеност на проблеми со менталното здравје (12,79 проценти) и највисоко самопроценето ниво на енергија (4,51 ± 0,70).
Наспроти тоа, групата што пиела овошни сокови имала најлоши резултати, вклучувајќи ја најголемата преваленција на висок холестерол (39,18 отсто) и најнизок самопроценет квалитет на сонот (2,95 ± 0,85). Оние што јаделе малку овошје имале највисоки стапки на кардиоваскуларни болести (16,17 отсто) и најмногу посети на лекар (5,48 ± 1,01).
Научниците наведуваат дека резултатите од студијата ја нагласуваат потребата за разликување на начините на консумирање овошје во насоките за исхрана. Овошните смутија нудат единствени здравствени придобивки бидејќи ги задржуваат влакната и хранливите материи.
Разлика помеѓу овошен сок и овошно смути
Цврстото овошје - цело, свежо или минимално преработено (исечено/исечкано) - се смета за најдобар начин на консумирање овошје, иако диететските насоки инсистираат на тоа дека сите облици на консумирање овошје се еднакви. Згора на тоа, многумина веруваат дека 100 отсто овошните сокови (сок добиен исклучиво од овошје) и овошните смутија (блендирано овошје) се еднакво хранливи како и цврстото овошје, што е во согласност со диететските насоки. Валидноста на таквите верувања мора да се процени преку научни истражувања.
Овошниот сок е течност екстрахирана од овошјето, додека овошното смути е пијалак направен од цело овошје и ги задржува влакната, пулпата и другите цврсти материи. Се верува дека оваа разлика помеѓу цедењето и блендирањето предизвикува варијации во соодветните гликемиски индекси на овошните сокови и овошните смутија. Меѓутоа, како што покажува студијата, постои ограничен број на истражувања кои ги испитуваат повеќекратните облици на консумирање овошје.
Студијата, која откри намалена зачестеност на кардиоваскуларни болести, мозочен удар, срцеви заболувања и рак на усната шуплина, испита 77 метаанализи - од кои само една се однесуваше на алтернативен облик на консумирање овошје во однос на цврстото овошје или овошјето воопшто.
Фото: freepik