Ресторан во Албанија на гостите им нуди месо од мечки - дел од нелегална трговија која е „надвор од контрола“ во земјата, тврдат инспектори.
Истражувачите истакнуваат дека првпат виделе готвено месо од мечка во Европа и експертите предупредија дека грубото касапење на животните може да доведе до епидемија на зоонози како коронавирусот.
Мечки, мајмуни и птици-грабливки се меѓу живите животни што се продаваат на популарни албански онлајн-пазари, покажува истрагата, поттикнувајќи стравови за преживувањето на некои видови во земјата.
Организацијата за заштита на животните „Four Paws“ (Четири шепи) открила дека две од албанските водечки страници имале десетици реклами за продажба на кафеави мечки и други видови што претежно се заштитени.
Многу фотографии од животните - заедно со лисици, кукувии и волци - ги прикажуваат со залепени усти и врзани канџи.
Тоа е профитабилен бизнис - мал капучин мајмун се нуди за 750 евра, додека кукувија, мало мече или волк може да се купат за по 500 евра.
Оглас за продажба на мајмунче
Фото: Independent
Купувачите претежно се сопственици на ресторани и хотели кои ги чуваат животните за да привлекуваат туристи, или лица кои ги сакаат животните како миленици и статусни симболи, истакнуваат од организацијата.
Орлите, кои се национален симбол на Албанија, се особено популарни кај купувачите и често може да се најдат како трофеи на јавни места.
Но, ловењето заштитени видови, нивно држење како заложници и продавање е забрането во Албанија поради голем пад на бројноста на дивиот свет во земјата. Престапниците може да одат во затвор според закон кој беше заострен во октомври, но неговото спроведување е лабаво, пишува „Индепендент“.
Од организацијата велат дека откако тимот пријавил некои од илегалните реклами, тие биле избришани, но потоа се појавиле нови.
- На голем дел од фотографиите може да се види сурово однесување врз животните, на пр., лисици со муцки во пластични кутии, мали мечиња и птици со врзани нозе - вели Барбара ван Ген од организацијата.
Оглас за продажба на лисица
Фото: Independent
Истражувачите истакнуваат дека мајмуни и птици често се чуваат во барови и ресторани во Албанија како туристичка атракција, додека лисиците се продаваат за нивното крзно.
Волците се купуваат за да се вкрстат со кучиња и малите се продаваат како кучиња-чувари, кои често се користат во планините за заштита од волци. Но, другите животни се убиваат, полнат и истакнуваат.
Устите на животните често се лепат за да не можат да касаат, а нозете им се врзуваат за да не можат да бегаат.
На менито на еден ресторан во Дрилон исто така може да се види и месо од мечка, до што е напишано „во сезона“. На страницата на ресторанот, ажурирана овој месец, се потврдува понудата на ресторанот.
Опис на менито во ресторанот во кој е наведено и месото од мечка, месо од срна и други нешта
Фото: Independent
- Она што е особено алармантно за ова не е само фактот дека се продава месо од мечка, туку и додавањето на „во сезона“, што дава впечаток дека има сезона за лов на мечки. Всушност, нема сезона за лов на никакви диви животни во Албанија, има мораториум за ловење и со години има забрана за ловење во целата земjа. Масoвното опаѓање на бројот на дивиот свет во Албанија го предизвика тоа - истакнува портпаролот на организацијата Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА).
Месо од мечка порано можеше да се види во азиски земји. Тоа месо може да предизвика болести предизвикани од паразити, со симптоми кои вклучуваат дијареја, треска и халуцинации.
Професорот Џејмс Вуд, челник на одделот за ветеринарна медицина и експерт за инфекции на „Кембриџ“, вели дека Ковид-19 и другите зоонози може да се пренесат преку контаминирано месо од кој било вид.
- Сепак, ризиците се многу поголеми од касапење и ловење отколку од едноставна консумација - вели тој и додава дека готвењето било многу ефикасно средство за уништување на вирусот Ковид-19 и други инфекции, но дека јадењето мечки не е непожелно од многу причини, вклучително и зачувување и благосостојба на животните.
Фото: Independent
Ван Ген вели дека нивната организација во Албанија е активна од 2015 година, но дека никогаш порано не виделе таква свирепост. Досега тие главно се фокусирале на ресторани кои чуваат мечки во мали кафези за забавување на гостите.
- Ова ново бизарно откритие е уште една индикација дека комерцијалната трговија со диви животни во Албанија е надвор од контрола - вели таа.
Ван Ген предупредува и дека ако владата не интервенира наскоро, малкуте домородни диви животни ќе останат во историјата.
Извор:
Independent
Насловна фотографија: Pixabay