Живееме во пандемија веќе повеќе од една година, а во овој период постојано се информиравме за симптомите на ковид-19. Меѓутоа, во овој период коронавирусот еволуирал, па се смениле и некои од најчестите симптоми. Најновите податоци покажуваат дека луѓето што се заразени со најновиот делта-сој на коронавирусот имаат различни симптоми во однос на оние што беа најчести порано во пандемијата.
Кои се најчестите знаци и симптоми на делта-сојот?
Податоци собрани преку мобилна апликација во Велика Британија покажуваат дека најчестите симптоми на ковид-19 денес се различни од оние за кои најчесто слушавме. Апликацијата не го зема предвид сојот на коронавирусот, но се претпоставува дека симптомите на последните пациенти го претставуваат делта-сојот бидејќи овој сој е доминантен во земјата во моментов.
Фото: Freepik
Температурата и кашлицата отсекогаш биле чести симптоми, а тоа е случајот и денес. Главоболката и болката во грлото биле симптоми што се јавиле кај некои пациенти порано, а сега се едни од најчестите.
Истовремено, течењето од носот, што претходно бил редок симптом, сега е помеѓу најчестите. Од друга страна, губењето на чувството за мирис, што порано било често, сега се забележува поретко.
Може да има повеќе причини за промената на симптомите, како менувањето на самиот коронавирус или начинот на собирањето на податоците. Треба да се земе предвид дека за разлика од почетокот, поголемиот дел од заразените лица со ковид-19 сега се млади лица, па можеби имаат различни симптоми од постарите.
Фото: Unsplash
Дали вакцините се ефикасни против делта-сојот?
Според досегашните податоци од разни земји во светот, вакцините на „Фајзер“ и „Астра зенека“ нудат над 90% заштита од развивање тешки симптоми.
Освен тоа, се чини дека вакцините спречуваат и заразување со овој сој. На роденденска забава со 30 луѓе во Австралија, единствените шест лица што биле вакцинирани не се заразиле, додека другите 24 се заразиле со делта-сојот.
Извор:
The Conversation