Освен тоа што му било основна должност и повик, Сигмунд Фројд со задоволство се впуштал и во теориски објаснувања на религиските, антрополошките и уметничките појави.
На феминистките и религиозните луѓе веројатно нема да им се допаднат ставовите на Фројд кои се однесуваат на уверувањата што ги застапуваат и бранат. Без разлика на тоа дали ги сметаме за претерани и еднострани, интересно е да се потсетиме на некои негови размислувања.
„Би можело да се каже дека секоја личност непрекинато им врши психичка анализа на своите блиски и со тоа ги познава подобро отколку што се познава самата себе. Меѓутоа, за да се оствари она на што нѐ предупредуваат зборовите ’спознај се себеси‘, потребно е да се стават под лупа своите, навидум, случајни активности и пропусти“.
Психопатологија на секојдневниот живот, поглавје Симптоматски и случајни активности
„Оној што има очи да гледа и уши да слуша, може да се увери дека не постои смртник кој е способен да сочува тајна. Ако е нем, тој брбори со врвовите на прстите; предавството му излегува од секоја пора. Поради тоа, лесно е решлива задачата да се освести најскришното во човековата душа“.
Дора: фрагмент од анализа на еден случај на хистерија
„Очигледно е дека свештениците можеле да ги држат масите во религиозна покорност само по цена на големи отстапки од човековата нагонска природа. Па така, сѐ се свело на следново: само Бог е силен и добар, а човекот е слаб и грешен. Во сите времиња неморалноста се потпирала на религијата исто колку и моралноста“.
Иднината на една илузија
„Иако совеста е нешто што се наоѓа во нас, таа сепак не е во нас од самиот почеток. Таа е целосна спротивност на сексуалниот живот кој е присутен од самиот почеток и на кој му се придружува дури подоцна. Меѓутоа, познато е дека малото дете е аморално, и дека кај него не постојат внатрешни сопирачки за неговите импулси кои тежнеат да постигнат чувство на задоволство. Улогата што подоцна ја презема суперегото, на почетокот ја игра една надворешна сила – авторитетот на родителот. Родителите управуваат со детето давајќи му докази за својата љубов и заканувајќи му се со казни“.
„Ако го прифатиме популарниот начин на изразување, можеме да кажеме дека егото во психичкиот живот ги застапува разумот и смиреноста, а идот нескротливите страсти. (...) Односот на егото кон идот би можел да се спореди со односот на јавачот кон неговиот коњ. Коњот дава енергија за промена на положбата, а јавачот има право да ја одреди целта и да управува со движењето на силното животно. Сепак, помеѓу егото и идот многу често се случува случај што не е идеален, а тоа е јавачот да мора да го води својот коњ таму каде што тој сака да оди“.
Нови предавања за вовед во психоанализа, предавање Анализа на психолошката структура на личноста
„Само односот кон синот ѝ носи на мајката неограничено задоволство. Тоа воопшто е најсовршениот однос помеѓу луѓето кај кои има најмала амбиваленција. Мајката може на синот да му го пренесе славољубието кое во однос на себе морала да го спречи. Од него може да очекува задоволување на сето она што останало од нејзиниот комплекс на машкост. Дури ни бракот не е сигурен додека жената не успее од сопругот да направи свое дете и во однос на него да ја игра улогата на мајка“.
„Тоа што на жените може да им се припише само малку смисла за праведност, секако е поврзано со надминувањето на зависта во нивниот психички живот. Потребата за праведност претставува преобразување на зависта. Таа го одредува условот под кој зависта смее да се покаже. Исто така, за жените велиме дека нивните социјални интереси се послаби, а способноста за сублимација на нагоните е помала отколку кај мажите“.
Нови предавања за вовед во психоанализа, предавање Женскост
„Она што кај луѓето го нарекуваме карактер, во голем дел е создадено од градивото на сексуалните возбуди, а се состои од нагони фиксирани уште во детството, од сублимација и други такви конструкции кои се одредени ефикасно да ги спречуваат перверзните чувства – или тие што се познати како такви. Општа перверзна сексуална склоност во детството на тој начин може да се оцени како извор на цела низа на наши вредности, доколку создавањето реакции го поттикнува нивното настанување“.
Три расправи за сексуалната теорија
„Ние стигнавме дотаму односот кон родителите каде што преовладува инцестуозен копнеж да може да се објасни како централен комплекс на невроза. Откривањето на ваквото значење на инцестот за неврозата, секако, наидува на општо неверување кај возрасните и нормалните личности; на исто такво отфрлање наидуваат, на пример, и делата на Ото Ранк, кои сѐ појасно покажуваат колку често темата за инцестот се наоѓа во средиштето на поетскиот интерес и во колку многу облици и нијанси учествува во градивото на поезијата. Принудени сме да веруваме дека до ваквото отфрлање доаѓа пред сѐ поради длабока одвратност кај човекот кон неговите некогашни инцестуозни желби, кои во меѓувреме ги потиснал од свеста. Според тоа, нам не ни е неважно што во примерите за припадниците на примитивните култури можеме да покажеме дека оние инцестуизни желби кои еден ден ќе станат несвесни, сѐ уште ги чувствуваат како нешто опасно, нешто што заслужува најостри одбранбени мерки“.
„Само во едно подрачје во нашата култура се сочувала семоќта на мислите и тоа во уметноста. Само во уметноста може да се случи човекот, распнат од желбите, да создаде нешто слично на задоволување и таа игра – благодарение на уметничката илузија – да предизвика афективна реакција како да се работи за нешто реално. Со право се зборува за магијата на уметноста, а уметникот се споредува со магионичар“.
Тотем и табу
„Во цела низа на случаи генезата на машката хомосексуалност е следна: младиот човек необично долго и интензивно, во смисла на Едипов комплекс, бил фиксиран за мајката. Но најпосле, по завршувањето на пубертетот, доаѓа време мајката да се замени со друг сексуален објект. Тогаш се случува изненадувачки пресврт: момчето не ја напушта мајката, туку се идентификува со неа; тој се претвора во неа, и бара објекти кои можат да го заменат неговото его и кои тој ќе може да ги сака и да ги негува онака како што него го сакала и го негувала неговата мајка“.