Кога возите навечер, речиси е невозможно да забележите диво животно на патот пред да биде доцна.
Всушност, Финска проценува дека годишно умираат над 4.000 ирваси во сообраќајни несреќи, а штетите се проценуваат на околу 15 милиони евра годишно. Токму ова ја инспирирало финската асоцијација на одгледувачи на ирваси да ги намали жртвите во овие сообраќајни несреќи и да дојде до интересни решенија. Едно од решенијата е генијална идеја: да се обојат роговите на ирвасите со рефлектирачка боја за тие да светат и возачите да ги забележат навечер.
Во 2014 година Здружението на одгледувачи на ирваси обои различни делови на овие животни. Притоа, организацијата се надеваше дека со тоа ирвасите ќе бидат повидливи за автомобилите.
- Спрејот се тестира на крзно во моментов и може да биде уште поефикасен на роговите, бидејќи тие се гледаат од секоја страна - објаснува Ана Олила, претседател на Здружението на одгледувачи на ирваси. Фотографиите покажуваат дека роговите, како и делови од грбот на животното, совршено се гледаат во мракот.
Иако станува збор за одлична идеја во теорија, во практика е помалку ефикасна. Но, како што велат од здружението, не се откажуваат.
- Постојат проблеми со издржливоста и корисноста, но развојот на производот продолжува - велат од здружението.
Рефлектирачката боја е само еден од начините на кои луѓето се обидуваат да ги заштитат животните. Во некои делови од светот се градат
премини-надвозници што им помагаат на животните да минуваат преку автопатишта за да стигнат до нивните живеалишта.
Фото: Аnne Ollila