X
 17.07.2021 Здравје

Поради пандемијата, ќе се зголеми смртноста од рак на дојка

Од март минатата година рутинските мамографски прегледи се намалени, а пациентите со рак на дојка имале прекин во лекувањето или помалку третмани.

Истражување објавено во списанието „Џурнал оф д нешнал кенср инститјут“ покажува дека нарушувањето на функционирањето на здравствениот систем поради пандемијата може да го зголеми бројот на смртни случаи од рак на дојка.

Во март минатата година државите низ светот забранија многу рутински прегледи, како мамографијата, па затоа и прегледите биле намалени за околу 80 отсто.


Фото: Pexels

Истражувачите користеле три независно развиени симулациски модели за да предвидат како овие прекини ќе влијаат врз смртноста од ракот на дојка. Моделите предвиделе дека вкупниот број на смртни случаи од рак на дојка како последица од нарушувањата на здравството поради пандемијата би можел да стигне до 2.487 до 2030 г.

До таа година, моделите предвидуваат 950 дополнителни смртни случаи од рак на дојка поради помали рутински прегледи, 1.314 поврзани со одложена дијагноза на симптоматски случаи и 151 поради помалку примени хемотерапии кај жените што се во ран стадиум. Тоа е зголемување за 0,52 проценти од починатите од рак на дојка помеѓу 2020 и 2030 г.


Фото: Pexels

Огужан Алагоз, главен автор на истражувањето, сепак вели дека здравствените установи низ светот успеале да се адаптираат во рок од шест месеци, па спречиле уште поголемо зголемување на смртноста од ракот на дојка. Според него, институциите треба да им дадат приоритет на жените што ги пропуштиле рутинските прегледи за да се намали влијанието на пандемијата.

Извор: Eklinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје