X
 21.05.2023 Колумни

Ни се заканува ли дигитална зависност како последица од пандемијата?

Без разлика дали се работи за онлајн шопинг, играње софтверски игри, активност на социјални медиуми или гледање дигитални содржини како последица на пандемијата, речиси сите принудно станавме дигитално поактивни отколку што бевме пред неа. За жал, денес многу потешко можеме да се оддалечиме од нашиот компјутер, лаптоп или мобилен телефон зашто службената комуникација и по завршувањето на ковид-пандемијата продолжува во најголема мера да се одвива дигитално. На тој начин потребата од интернет повеќе не е проблем само на адолесцентите или младите, туку ваквата потреба статистички гледано во најголема мера е зголемена кај средовечните и кај пензионерите. Но, дали тоа значи дека сме станале дигитално зависни? Се разбира не!

И по целосното завршување на пандемијата, односно целосното укинување на сите мерки, многумина сè уште ги чувствуваат последиците: имаат ограничена комуникација и тешкотии во воспоставувањето нови контакти, па дури и во одржувањето на старите врски. Со еден збор кажано, многумина станаа поповлечени. Несомнено ковид-пандемијата значително ни го ограничи социјалниот живот, впрочем, тогаш многумина, не по своја вина, беа принудени да се борат со осаменост и депресија - особено за време на полицискиот час и затворањето на институциите, училиштата, факултетите...

Закана од дигитална зависност како последица од пандемијата?!

Факт е дека ковид-пандемијата остави трага врз нашето однесување. Приливот во психосоматски специјални амбуланти со страв од појава на дигитална зависност е значително зголемен во последните месеци. Во Европа од 2021 година до денес има зголемување за 25 отсто во третманот на дигитална зависност кај лицата на возраст од 30 до 67 години.
Пандемијата очигледно дејствуваше како катализатор за напредок на дигиталната ера. Имено, во периодот на работа од дома и учење од далечина, дотогашните установени форми на комуникација претрпеа радикална промена, преку забрзан развој на електронска комуникација. Како последица од пандемијата и денес многумина од нас поминуваат осум до десет часа дневно во разговор на социјални мрежи, играње компјутерски игри и гледање различни интернет-содржини. Како резултат на тоа, можно е да ги занемариме другите важни области од животот, како што се работата, домаќинството или односите со пријателите. Во екстремни случаи, дигиталната зависност може да доведе до депресија.

Како да ја препознаеме дигиталната зависност?

Секоја прекумерна употреба на интернет не значи дека таа од нас прави дигитални зависници. Но, мора да бидеме внимателни ако се доведеме во ситуација повеќе да не можеме да се контролираме.
Тоа значи дека на тој начин врските или работата паѓаат во втор план, па следствено се јавуваат кризи и конфликти. Ваквите негативни промени се знак за зависно однесување. Знак на дигитална зависност може да биде и повлекување во себе: имено, без вообичаено сурфање, разговор или онлајн играње, се појавуваат нарушувања во спиењето, внатрешен немир, раздразливост и агресивност. За да ја дијагностицираат дигиталната зависност, експертите обично алудираат на одредени абнормалности во однесувањето и размислувањето.

Зајакнување на хормонот на среќата со лајкови


И обично скенирање на мозокот (магнентна резонанса) може да открие дали постои дигитална зависност. Реакциите покажуваат дали одредена интернет-активност го активира, односно стимулира системот за наградување во мозокот преку напливот на допамин (особено кога некоја објава ни се допаѓа или некому му се допаѓа нашата). Потребата од ваквата возбуда создава маѓепсан круг.
Во моментов не е познат точниот број на лица во Европа и на која возраст се тие што страдаат од дигитална зависност. Според една стара студија, во 2011 година во Европа овој процент изнесувал само 1 отсто.

Разлики во интересите во зависност од возраста и полот


Одговорот на прашањето која дигитална активност ќе го фасцинира човекот толку многу за да развие зависност варира. Сепак, постојат трендови кои зависат од возраста и полот. За генерацијата Y, на пример, оние родени помеѓу 1980 и 1999 година, особено се популарни стратешките онлајн игри. Од друга страна, на возраст блиска до пензионирање и кај пензионерите осаменоста е главен двигател за дигитална зависност.
Има и разлики меѓу половите: мажите имаат тенденција почесто да користат дигитални видеа, компјутерски игри или коцкање, додека жените се со поголема веројатност да бидат зависни од онлајн шопинг и социјални мрежи.

Како да се спречи?

Најголем дел од нас ги користиме мобилните телефони, лаптопи или компјутери неколку часа дневно, впрочем, тие одамна се составен дел од нашите животи. Но, затоа е важно одвреме-навреме да се исклучуваме од нив, и тоа во буквална смисла на зборот. Потребни ни се периоди за одмор за воспоставување ментална рамнотежа. Наоѓањето и спроведувањето на овие фази за себе е секако една од најважните задачи во нашата модерна дигитална ера. Времето поминато офлајн е важно за одржување на менталната рамнотежа, а исто така може да ни покаже дали сè уште функционираме без интернет или дали веќе покажуваме симптоми на апстиненцијална криза.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни