Министерството за финансии на Белгија покрена кампања на социјалните мрежи со која ги повикува Белгијците да ги „ископаат“ своите скриени монети за да нема потреба од ново производство.
Во моментов во Белгија има повеќе од 4,2 милијарди монети, чија вредност е над 1,5 милијарди евра. И покрај ова, некои белгиски продавници немаат доволно ситни пари за да им вратат кусур на клиентите што плаќаат во готово. Тоа е така затоа што многу монети остануваат неискористени.
Кампањата #spendiourchange доаѓа по предупредувањата од голем број клучни трговски федерации во Белгија за недостиг на монети.
Финансиските групи „Фебелфин“, „Комеос“ и „Унзио“ во 2022 година издадоа заедничка изјава за „натрупувањето“ на монетите од 5, 10 и 20 центи и рекоа дека овие монети не циркулираат доволно.
- Од пандемијата потрошувачите значително помалку ги користеа овие монети за плаќање, со што се спречува да се вратат во оптек кај трговците и банките. Но, бидејќи трговците ги бараат овие монети, се создава недостиг - велат од федерацијата на финансиски групи.
Доколку Белгијците не сакаат да платат со монетите што ги чуваат дома, имаат можност и да ги депонираат во банка или да ги донираат во добротворни цели.
Со ставање во оптек на само 2 отсто од неискористените монети, Белгија проценува дека може да заштеди повеќе од 5 милиони евра во трошоците за производство секоја година.
Намалувањето на производството на нови монети е корисно и за животната средина бидејќи правењето и транспортот на монети ослободува значителни емисии на јаглероден диоксид.
Една од клучните причини зошто монетите мируваат е тоа што сѐ повеќе клиенти користат дигитални начини на плаќање.
Според истражување за платежните ставови, готовината била користена за 59 отсто од продажните трансакции во еврозоната во 2022 година. Ова било помалку од 72 отсто во 2019 година.
Истражувањата покажаа дека иако потрошувачите претпочитаат електронски начини на плаќање, тие исто така ја ценат опцијата за плаќање во готово. Ова особено се однесува на луѓе постари од 55 години.
Австрија, Германија и Ирска имаат најголем процент (45 и 30 отсто) на граѓани што претпочитаат готовина. На другиот крај од спектарот, само 7 отсто од финските граѓани изјавиле дека претпочитаат готовина наместо трансакции со картички.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: Pixabay