X
 28.04.2020 Политика

Какви лидери му требаат на светот за време на криза?

Во време на криза, особено неочекувана, луѓето најчесто реагираат така што се подготвуваат за борба или за бегање. Овој инстинкт е останат од минатото, кога луѓето живееле во пештери. Но денес, во време на криза луѓето гледаат кон нивните лидери, кои, освен да ги водат, треба да им понудат надеж и поддршка.

Лидерите ги немаат сите одговори, но граѓаните очекуваат од нив да ги најдат луѓето што ќе помогнат. Луѓето бараат некој на кој можат да му веруваат. Поради ова, потребни се лидери што имаат високо ниво на емоционална интелигенција, кои ќе може да ги контролираат емоциите и ќе им помогнат на жителите да ги контролираат нивните. Лидерите со висока емоционална интелигенција треба да демонстрираат неколку работи во време на криза.


Фото: Pixabay

Емпатија

Маја Ангелоу рекла дека луѓето може да ги заборават работите што сте ги направиле или кажале, но нема да заборават како се чувствувале поради вас. Начинот на кој се оценуваат лидерите во тешки времиња не е според нивните зборови, а понекогаш не е доволно ниту дејствувањето, туку начинот на кој влијаат врз жителите. Лидерот може да ги каже вистинските работи на прес-конференција, но луѓето може да почувствуваат доколку не е искрен.

Самосвест

Како и сите ние, и лидерите имаат различни емоции. Но од нив се очекува да ги контролираат емоциите бидејќи тие влијаат врз многумина. Во време на криза најефикасните лидери може да го контролираат стравот, како и импулсот да избегаат од одговорноста и да ги обвинат другите. Затоа, лидерите треба да бидат свесни за она што го чувствуваат и да научат како да го контролираат.

Приспособливост

За време на криза ситуацијата се менува драстично и постојано. Важно е лидерите да може да се приспособат на кризата како што таа се менува. Приспособливите лидери не лажат дека ги имаат сите одговори, но нудат гаранција за жителите дека ќе се погрижат да ги најдат одговорите со помош на другите.


Фото: Pixabay

Општествена свест

Емоционално интелигентните лидери се свесни за влијанието на кризата врз жителите и мислат на ова пред да ѝ се обратат на јавноста. Лидерот треба да покаже емпатија и свесност за чувствата на другите за време на кризата, а не да мисли само на сопствените чувства.

Искрена комуникација

Лидерот треба да има добри комуникациски вештини, но важно е и да зборува искрено и на природен начин. Комуникацијата со јавноста за време на криза е една од најтешките работи за лидерите, но најдобрите лидери ја користат можноста да се подобрат и да се претстават најдобро што можат пред граѓаните.

Автор: Харви Дојчендорф
Извор: fastcompany.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика