X
 17.10.2019 Живот

Централниот регистар ги изброја граѓаните во Македонија

Централниот регистар на население што почна да функционира од денеска покажа дека во Македонија живеат 2.618.391 граѓанин.
Регистарот на население ќе содржи податоци и за починати лица за период од 50 години. Сега во него има податоци за вкупно 2.867.829 лица. Од нив, како живи се водат 2.618.391 лице. Активни со престој во државата, меѓу кои и странци, се 2.422.484 лица, а престој во странство пријавиле 180.553 лица. Во регулиран престој, според регистарот, се околу 30.000 странци.

Сите овие податоци, како што потенцираа денеска од Министерството за информатичко општество и администрација, не треба да се сметаат како замена за попис, односно не се релевантни за таа намена.
Регистарот е прв клучен чекор за дигитализацијата во јавната администрација и ќе биде помошна алатка за претстојниот попис на населението, а ќе ја олесни и подготовката на Избирачкиот список - појасни министерот Дамјан Манчевски.

Промените на податоците на едно место се запишуваат во регистарот на население и се видливи во реално време за сите други институции. На пример, ако се променат податоци на граѓаните во Управата за матична евиденција, тоа ќе биде видливо автоматски и во другите институции и ќе нема потреба од меѓусебно известување.

Манчевски објасни дека регистарот ќе биде помошен механизам за пописот да биде спроведен побргу и подоверливо со впишување на податоците. Се напушта класичниот начин на спроведување попис со хартија и анкетарите ќе имаат помош со лаптопи преку кои при појавување на врата ќе ги повлекуваат основните податоци од Централниот регистар на население.

Извор МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот