X
 18.07.2021 Живот

Земјата не е пренаселена: Сѐ помалку сме и сѐ помалку деца се раѓаат

Во текот на 20 век човештвото го доживеа најголемиот скок на популацијата во историјата - глобалното население скокна од 1,6 милијарда во 1900 година на 6 милијарди во 2000 година. Тој тренд заврши.

Повеќето демографски податоци покажуваат дека и покрај претходната загриженост за пренаселеноста, многу поголем проблем со кој луѓето сега треба да се справат е малиот број на деца. Податоците јасно укажуваат на овој феномен. Во Јапонија луѓето купуваат повеќе пелени за возрасни отколку за деца. Кина, по долгогодишна политика за едно дете, неодамна го зголеми лимитот на три деца, а нацијата очекува дека бројот на населението ќе достигне врв околу 2030 година, по што ќе следува пад. Во САД растот на населението е на историски ниски нивоа.

Новото истражување „Урбан састејнбилити“ објавено во списанието „Нејчр“ ја истражува иднината на падот на населението и како тоа ќе влијае врз целите на одржливоста. Користејќи ги демографските податоци на извештајот на ООН, истражувањето посочува дека депопулацијата е двоен проблем - бројот на луѓе се намалува и тие стареат.

- На глобално ниво, луѓето постари од 65 години се најбрзо растечки сегмент од населението и во текот на 2019 година, првпат во историјата на човештвото, тие беа помногубројни од децата на возраст под пет години. Во 2020 година дури 9 отсто од светската популација имале над 65 години, односно вкупно 728 милиони луѓе. Проекциите се дека оваа популација ќе се зголеми повеќе од двојно, на 1,55 милијарда до 2050 година и ќе сочинува 16 отсто од светската популација - истакнуваат авторите на истражувањето.

Овие промени нема да се шират рамномерно низ целата планета. До 2050 година регионите со најголем пораст на старо население ќе бидат во Европа, Азија и Северна Америка, додека повеќето нации во Африка сепак ќе имаат релативно млада популација.

1
Состојбата во 2020 година и предвидувањата за 2050 година, како и бројот на урбано население во 2018 година
Фото:  Urban Sustainability

Ефектот на урбанизацијата


Клучна метрика за разбирање на промената на населението е стапката на плодност, што е просечен број на деца што треба да ги имаат жените со цел популацијата да биде постојана. Таа стапка е приближно 2,1 - две деца да ги заменат мајката и таткото, и 0,1 се додава бидејќи не сите деца преживуваат во зрелоста.

Во десетици земји стапката падна под 1,5, особено во Европа и во Источна Азија. Меѓу причините за падот е брзата урбанизација. Имено, во 1950 година приближно една третина од луѓето живееле во урбани средини, но се предвидува дека овој однос двојно ќе се зголеми до 2050 година, така што околу 7 милијарди луѓе ќе живеат во градовите.

- Урбанизацијата влијае врз населението на два клучни начини. Жителите на градот имаат сѐ помалку деца поради поголемите трошоци за живот, полесниот пристап до контрацепција и урбаните жени се ориентирани кон кариерата, па избираат да се откажат или да го одложат раѓањето деца, се вели во истражувањето.

Урбаниот живот нуди и различни стимулации. Имено, семејствата ќе имаат корист од повеќе деца во руралните области, но тоа не е случај во градовите. Ова делумно објаснува зошто Кина одлучи да ја олесни политиката за едно дете за руралните семејства во текот на 80-тите години на минатиот век.

Исто така, урбанизацијата има тенденција да има пониски стапки на смртност поради зголеменото богатство и пристапот до здравствена заштита. Тоа значи дека возрасните имаат помалку деца и истовремено живеат подолго.

Стимулација за деца


Соочени со стареење и опаѓање на популацијата, некои држави веќе усвојуваат или истражуваат политики за зголемување на стапката на плодност, вклучително и т.н. бонуси за деца, односно субвенционирана грижа за децата и платено породилно отсуство и за татковците. Доколку бидат успешни, овие интервенции можат да отворат нова демографска фаза што истражувањето ја нарекува ранлив песочен часовник, карактеризирана со ниска смртност и висока плодност. Ова може да резултира во популација со многу млади и постари луѓе, но релативно малку работоспособни возрасни.

Научниците забележале дека демографските промени се сложени и дека останува многу неизвесно како урбанизацијата ќе влијае не само врз растот на населението, туку и врз животната средина и социо-економските услови во светот.

- Со оглед на брзината на овие промени, а особено со оглед на фактот дека во официјалната статистика стапката на стареење и падот на населението може да се потценат, има потреба од итни активности - се заклучува во истражувањето.

Извор: Urban Sustainability
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот