X
 17.10.2019 Технологија

Роботска рака решава Рубикова коцка

Компанијата што врши истражувања на вештачка интелигенција „Опен АИ“ успеала да истренира пар невронски мрежи за решавање на Рубикова коцка со користење роботска рака.

Во соопштението за достигнувањето од компанијата истакнаа дека невронските мрежи биле тренирани во симулација, потпирајќи се на кодот „Опен АИ Фајв“ споен со автоматска рандомизација на домен (АДР) - нова техника што ја развила компанијата.

- Човечките раце ни овозможуваат да завршуваме различни задачи. Во текот на изминатите 60 години тешките задачи што луѓето ги завршуваат со нивните раце бараа дизајнирање на робот за секоја задача. Како алтернатива, луѓето минаа многу децении обидувајќи се да користат повеќенаменски роботски хардвер, но имаше ограничен успех поради нивниот висок степен на слобода. Хардверот што го користиме ние не е нов, роботската рака што ја користиме постои 15 години, но софтверскиот пристап е нов - истакнаа од компанијата.

„Опен АИ“ се обидува уште од 2017 година да истренира роботска рака слична на човечката да решава Рубикова коцка, мислејќи дека тренирањето на роботската рака да реши нешто толку комплексно ќе го отвори патот за тренирање повеќенаменски робот. Компанијата конечно ја постигна целта.


- Решавањето на Рубиковата коцка со една рака е предизвикувачка задача дури и за луѓето и на децата им се потребни неколку години да ги стекнат вештините потребни за усовршување. Нашиот робот сè уште ја нема усовршено техниката бидејќи решава коцка 60 отсто од времето - истакнаа од компанијата.

Оттаму објаснуваат дека ги истренирале невронските мрежи со користење зајакнувачко учење и алгоритамот на Косимба, додека рандомизацијата на доменот овозможила мрежите да тренираат во симулација и потоа да пренесат на роботската рака.

За да го надминат предизвикот на создавање околини кои биле доволно разнолики во симулацијата за да го фатат реалниот свет, од компанијата го користеле нивниот нов АДР-метод. Со него прогресивно потешки околини постојано се развиваат во симулација. Тоа овозможило трансфер на невронски мрежи учени во симулација до роботските раце во реалниот свет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија