За време на Студената војна, Советскиот Сојуз темелно се подготвувал за можен нуклеарен напад и трета светска војна.
Илјадници антинуклеарни бункери биле изградени низ целата земја. На еден од нив, московскиот „Бункер 42“, во 2006 година му била отстранета ознаката „државна тајна“, па станал музеј.
Под сосема обична зграда во поширокиот центар на Москва, на длабочина од 65 метри се наоѓал команден центар во случај на нуклеарен напад врз Советскиот Сојуз.
Токму тој команден центар бил „Бункер 42“, односно денешниот Музеј на Студената војна. Неговата изградба почнала во 1951 година. Во 1954 година бункерот бил делумно во функција, а целосно бил завршен во 1956 година. Се користел до 1986 година - работел без прекин, а во една смена работеле 300 луѓе, телефонски оператори, кодирачи итн.
Во зградата не влегувале сите истовремено, туку неколкумина во одредени временски интервали. На ист начин и си заминувале од работа. Сите мислеле дека станува збор за воена библиотека во која може да се влезе само со пропусница.
Во
бункерот може да се влезе и преку тунели од блиските метростаници. Комплексот се состои од 4 блока кои се меѓусебно поврзани.
- Се наоѓаме точно помеѓу трите линии на московското метро. Местото за изградба на бункерот во центарот на Москва не беше случајно избрано. Самата локација изобилува со посебен тип цврст варовник. На тој начин го имаме првото ниво на заштита благодарение на природната средина. Друга важна работа е близината на Крем - објаснува водичот на музејот.
Комплексот имал првокласно национално значење бидејќи имал цел да го смести раководството на земјата во случај на нуклеарен напад.
Бункерот бил изграден на таков начин што низ специјалната врата со тежина од два тона не можеле да навлезат радиоактивни честички, а резервите со храна и вода биле доволни за еден месец.
По влегувањето во музејот, прво е прикажан краткиот филм „Студена приказна“, кој раскажува за напнатата меѓународна ситуација во тоа време. Задолжителна точка на програмата е слушањето на звукот на сирената и предупредувањето за нуклеарен напад, а потоа имитација на лансирање проектил со нуклеарна боева глава како одговор на американскиот напад.
Турнејата завршува со посета на големата сала која порано се користела за состаноци, а сега е ресторан.