X
 17.11.2018 Технологија

Три нешта што треба да ги знаете за бришењето пораки на „Месинџер“

По една недела од најавата, новата корисна функција на „Месинџер“ стигна до првите корисници. Станува збор за бришењето на испратените пораки, што ќе им дојде многу добро на оние што пишуваат во афект.

Колку и да е слична на функцијата која веќе долго ја има на „Вацап“, на „Месинџер“ нештата сепак ќе бидат поинакви.

1. Само десет минути за бришење

Како прво, треба да имате на ум дека имате само 10 минути да ја избришете испратената порака, а тоа се прави така што го држите прстот на текстот додека не се појави „Избриши“ на дното од екранот.

Потоа, слично како и на „Вацап“, ќе мора уште еднаш да потврдите дека сакате да ја избришете пораката од сите уреди.

2. Може да ве пријават

Потоа ќе се појави известување дека трајно ја бришете пораката, па другата страна ќе види дека е избришана и ќе може да пријави во случај на проблематична содржина.

3. „Фејсбук“ се осигури

„Фејсбук“ ќе ја задржи уште некое време избришаната порака, во случај таа да е предмет на жалба.

Опцијата за бришење на пораката стигна во Полска, Боливија, Колумбија и во Литванија, а прашање на време е кога ќе стигне и во другите земји.

Оваа функција на „Вацап“ ја има од 2017 година, а таму за бришење на пораката имате дури еден час.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија