Главниот извршен директор на автомобилската компанија „Тесла“, Илон Маск, кој е најбогат човек во светот, неодамна беше предизвикан од Дејвид Бизли, директор на Светската програма за храна при Обединетите нации.
Бизли изјави дека само 6 милијарди долари, односно околу 2 отсто од целото богатство на Маск би можеле да им помогнат на 42 милиони луѓе да се прехранат.
Маск одговори со објава на „Твитер“ во која ја повика организацијата точно да опише како неговите 6 милијарди долари ќе му стават крај на гладот во светот, а доколку го стори тоа, тој веднаш ќе продаде акции од „Тесла“ и ќе ги донира средствата. Побарал детален план во кој јавноста ќе види како би биле потрошени парите.
Сега го имаме тој план. Бизли во понеделникот напишал на „Твитер“ дека организацијата има план и е подготвена за разговори со Маск.
Планот на организацијата би им помогнал на 42 милиони луѓе во 43 држави. Според организацијата, 6,6 милијарди долари би помогнале да се одбегне катастрофа. Сепак, можната донација не би го решила проблемот со гладот во светот, како што Бизли изјавил на почетокот.
Според податоците од организацијата, околу 282,7 милиони луѓе се соочуваат со екстремно ниво на акутна неухранетост, што е 110 отсто повеќе од 2019 година. Порастот е резултат на конфликти, климатски промени, проблеми со синџирите за снабдување и пандемијата, според Бизли.
Во планот на организацијата детално се опишува како би се искористиле парите на Маск. Дури 3,5 милијарди долари би биле искористени за храна и достава на храната, а околу 2 милијарди долари би биле доделени во ваучери за храна.
Сега топката е на страната на Маск.
Извор: Futurism
Фото: Pixabay