X
 10.05.2019 Живот

Гладот повторно се врати и стана голема закана

Со децении бројот на гладни луѓе се намалувал, но од 2015 година експлодирале и бројот на гладни и бројот на мртви во Јужен Судан, Јемен, Нигерија, но и на Западот.

Градот на Решад Трбоња преку ноќ бил променет од модерен град, кој само неколку години претходно бил домаќин на Олимписките игри, во кошмар. 5 април 1992 година неговото Сараево станало град отсечен од остатокот од светот. Тој и другите 400.000 тогаш не знаеле дека тоа е всушност само почеток на опсадата на градот, која траела речиси четири години. Секојдневниот живот на сарајлиите бил преполн со пукотници, глад и борба за опстанок. Во потрага по храна, тие често се доведувале до опасни ситуации.

- Храната исчезна речиси веднаш. Она малку што го имаше во продавниците веднаш исчезна, а многу продавници беа и ограбени - се потсетува Трбоња, кој тогаш имал 19 години, а денес за своите искуства во војната во Босна им предава на учениците во училиштата.

До јануари 1996 година умреле или биле убиени 11.500 луѓе. Многу од нив починале од шрапнел, експлозии и куршуми, но многу починале поради студ и глад. И покрај постојаниот страв, Трбоња се потсетува како се бореле граѓаните.

Додека меѓународната заедница размислувала за тоа каков пристап ќе примени, канадските сили, како дел од ОН, успеале да отворат аеродром, што помогнало во снабдувањето со храна за време на опсадата. 160.000 тони храна, лекови и друга стока дошле до населението.

- Без хуманитарната помош Сараево немаше да постои. 90 отсто од луѓето живееја од таа хуманитарна помош. Побогатите го менуваа својот накит, слики и други вредни работи за дополнителна храна на црниот пазар - раскажува тој.

Приказни како неговата во конфликтните области постојат и денес. Благодарение на конфликтите, политичките апсења и сушите, светот во моментов е во средината на најголемиот глад од Втората светска војна. Според бројките од американската организација „Фемин ерли ворнинг систем“ што предвидува хуманитарна криза, на 85 милиони луѓе ќе им биде потребна итна помош во вид на храна, во 46 земји. Според процената на програмата на ОН за храна, гладот им се заканува на 124 милиони луѓе.

Бројот на луѓе што се во ризична ситуација се зголеми за 80 отсто од 2015 година, а најтешко се погодени Јужен Судан, Јемен, Нигерија и Авганистан. Она што се случува денес, претходно не било видено.

Дел од таа причина лежи во фактот што светот се обидува да нè убеди дека вакво нешто нема да се случи.

- Стапката на смртност се намали за 5 до 10 отсто, а повеќе нема цели општества што гладуваат. Растот на глобалните пазари, подобрата инфраструктура и хуманитарните системи речиси го искоренија гладот, но ова се случуваше до пред неколку години - вели Алекс де Вал од фондацијата „Ворлд Пис“.

Гладот повторно се врати и стана голема закана. Војните и лошите политики се причинителите.

hrana
Фото: Getty Images

- Тешко им е на гладните луѓе бидејќи се крајно отпорни. Потребна ви е навистина лоша влада која систематски ги лишува луѓето од она што им е потребно и ја уништува животната средина. Ова е причината за гладот што го гледаме во Сирија, Јужен Судан и во Јемен - истакнува тој.

Ова е иронија на современото општество, во кое храната може да патува до секој крај на светот, а од едниот крај до другиот може да се стигне за само неколку дена. На полиците во продавниците можеме да најдеме производи од целиот свет, па дури и од земјите што им се соседи на земјите каде што луѓето гладуваат.

Дури и во развиените земји можноста за недостиг на храна не е толку неверојатна како што се чини. Во Венецуела, земја богата со нафта, политичката криза и инфлацијата доведоа до недостиг на храна и лекови и поради тоа луѓето беа присилени да јадат расипано месо или да ја напуштат земјата.

Болестите, проблематичното време и порастот на цените на храната доведоа до недостиг на популарни култури во последниве години.

Организациите проценуваат дека 821 милион луѓе во светот се неухранети, а во САД, кои се едни од најголемите извозници на храна во светот, речиси 12 отсто од домаќинствата се несигурни кога станува збор за храната, а 6,5 милиони деца немаат доволно храна.

Долготрајното гладување доведува до нарушување во растот, што може да се види кај бебиња до три години на почетокот на големиот глад во Кина меѓу 1959 и 1961 година. Тие биле за 2,1 сантиметри пониски од оние што не растеле за време на гладот. Имале и послаби раце, а биле полесни за 4,4 отсто и просечно имале пониски образовни постигнувања.

Во текот на Втората светска војна, поради глад, во Холандија луѓето почнале да одгледуваат растенија и печурки за да преживеат. Тие во книги барале растенија што можат да ги јадат, а јаделе и шеќерна репка, кора од компири, коприви и диви печурки.

- Урбаните луѓе почнале да живеат на село, а секој што можел да дојде до парче земја почнувал да одгледува зеленчук. Се одгледувале и зајаци во градот, ги чувале на балконите. Краделе сточна храна и земјоделски отпад - вели Алекс де Вал.

Големиот ризик и недостигот на храна поттикнале многумина да се насочат кон традиционални кариери. Така, по економската криза и недостигот на храна, се зголемил интересот за земјоделско училиште. Како што вели Алекс де Вал, руралното население подобро ги преживува овие услови отколку населението во урбаните средини.

Решад Трбоња и денес се сеќава на лошото искуство, но вели дека градот го преживеал тој период благодарение на заемната грижа на сарајлиите.

- Целиот град стана едно семејство. Бевме љубезни едни кон други и делевме сè што имавме. Претходно тоа го немаше - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот