X
 05.01.2018 Технологија

Шест технолошки предвидувања за 2018 година


Лаптоп и бројот 2018
(Фото: Thinkstock)


Многу научници сметаат дека 2017 година беше „темна“ за технолошката индустрија и дека беше обележана со предвидливи надградувања и спектакуларни падови. Се предвидува дека 2018 година ќе донесе некои нови „возбудувања“ кога станува збор за технологијата.

„Зголемена“ реалност во вашиот џеб

Виртуелната и проширената реалност веќе го најдоа своето место во индустријата на видеоигрите и тој тренд би требало да продолжи и во 2018 година. Воведувањето помодерен однос меѓу корисникот и технолошкиот уред подразбира и воведување 3Д-проекции и препознавање на движењата, што ќе овозможи уште подобро прифаќање и користење на оваа технологија, но ќе го отвори и прашањето на приватноста и кибернетската безбедност, за што исто така треба да се води сметка.

Асистирање при паркирање


Автономните возила не се новина, но тешко дека во некое поскоро време ќе гледаме такви возила по нашите патишта. Многу препреки, како безбедносни така и регулаторни, го ограничуваат развојот на таквиот вид превоз. Експертите сметаат дека производителите на автомобили повеќе ќе се фокусираат на асистиран транспорт (оној што вклучува помош при паркирање, видеопрепознавање на препреки и предупредување за непознати предмети пред возилото), додека автономните возила ќе мора да причекаат.

Роботи во медицината

Иако роботите се присутни во индустријата со години наназад, сè уште не го пронашле своето место во пошироката примена. Меѓутоа, последните неколку години се зголемува побарувачката на „куќни“ роботи, како и нивни пософистицирани верзии изработени за војската и за индустријата. Во 2018 година би можело да дојде до поголема употреба на роботите во медицината, медицинската нега и други во гранки на медицината.

Предвидување хакерски напади

Кога се зборува за технологијата, неможно е да не се споменат кибернетската безбедност и вештачката интелигенција, но овој пат во контекст на заедничка борба против кибернетскиот криминал. Хакерските напади и алатки стануваат сè пософистицирани и на луѓето им е неопходна помош за да можат да се одбранат. Се очекува дека луѓето и натаму ќе водат главен збор затоа што и вештачката интелигенција не е имуна на хакерски напади, но би можела да помогне при предвидувањето кога ќе се случат некои напади и каква заштита ќе биде неопходна.

Развој на виртуелни валути

Виртуелните валути, како биткоинот и лајткоинот, веќе се добро познати, а експертите веруваат дека во 2018 година би можеле да влезат во поредовна употреба. Освен што внесуваат новитети на финансиските пазари, технологиите што се развиваат во заднината на виртуелните валути би можеле да поттикнат натамошен развој на кибернетската безбедност и архивирање на податоци.

Апликации што ќе предвидуваат што сакаме

Ќе се појават апликации што ќе предвидуваат што сакаме, а комуникацијата меѓу корисниците и уредите сè повеќе ќе личи на комуникација меѓу две лица во живо. На пример, мобилниот телефон ќе прави сè подобри фотографии затоа што и самиот ќе предвидува што и како сакаме да фотографираме. Значително ќе се подобри уредувањето на видеоснимките, па сè почесто ќе снимаме „слики што се движат“ наместо статични фотографии.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија