Томи Флауерс е еден од најголемите херои на Втората светска војна, иако можеби никогаш не сме чуле за него. Тој спасил илјадници животи, а со помош на Вилијам Тут го дизајнирал познатиот компјутер „Колос“. Историчарите оттогаш расправаат дека неговата работа ја скратила војната за 2 години.
фотоизвор: Wikimedia Commons
Томи Флауерс бил роден во Лондон, на 22 декември 1905 година. По школувањето за механичко инженерство, продолжил со учење на Универзитетот во Лондон, во секторот за електрично инженерство. Потоа се вклучил во отсекот за телекомуникација во генералната пошта. Се опседнал со електрониката и до 1939 година се уверил дека е можно да се креира целосен електронски систем. Нешто што би било многу корисно за време на војната. Алан Тјуринг го ангажирал Флауерс да му помогне во градењето машина за декодирање на германските пораки. Го запознал со неговиот пријател Макс Њуман, брилијантен математичар кој ја следел работата на Вилијам Тут.
Иако работата на Тут била витална за декодирањето, сепак неговиот систем се покажал како бавен. Томи бил ангажиран за да помогне во таа насока, па започнал со работа во 1943 година до декември истата година. Потоа бил создаден „Колос“, еден од светските први програмски компјутери и ремек-дело на инженерството. Пред „Колос“, машините работеле со околу 150 вентили, а во оваа имало 1.800. Се покажало дека машината е извонредна за тоа време. Со неа можеле да се прочитаат 5.000 карактери во минута. Првата целосно функционална машина била изградена за 11 месеци – „Колос 1“ работел екстремно добро во споредба со неговиот претходник. Алгоритмите биле обезбедени од Тут и од тим на математичари.
Флауерс постојано работел на други подобрени верзии – „Марк 2“ и „Колос 2“. Со нив се постигнал голем успех, а нацистите немале поим дека пораките им се декодирани. До крајот на Втората светска војна британската интелигенција изградила 10 машини „Колос“ вкупно. Комплетно функционална машина „Колос Марк 2“ била изградена од тим на волонтери помеѓу 1993 и 2008 година и во моментов е изложена во Националниот музеј за компјутерство во Блечли Парк.
Томи Флауерс бил награден со 1000 фунти за својот изум. Сепак, оваа сума не го покрила сето она што тој го инвестирал во конструкцијата за машината. Флауерс важел за многу скромен човек, а за тоа најголем доказ било делењето на наградата со тимот кој му помогнал во изградбата. На крајот, нему му останале околу 350 фунти. Функционирал под правилата на Актот за официјални тајни, па затоа и не бил истакнуван во јавноста. Продолжил да работи во станицата за истражување во поштата, каде што дал огромен придонес во развивањето телефонски електронски системи. Се пензионирал во 1969 година, но продолжил со работа – напишал научен труд и бил прогласен за почесен доктор на наука во Универзитетот во Њукасл.
Дури и сега, некои од делата на
Томи Флауерс остануваат доверливи. Неговата работа за време на Втората светска војна била откриена дури во 70-тите години. Денес, местото на „Колос“ во компјутерската историја е загарантирано, а Флауерс е признат како првичниот архитект на машината. Починал на 28 октомври 1998, на 92 години.