Во последно време сè почесто слушаме за биткоини и блокчејн-технологија. Можеби не се сите заинтересирани за купување биткоини или друга криптовалута, но мора да се признае дека блокчејн-технологијата зема замав и е во центарот на вниманието во изминатиот период.
Се работи за виртуелна технологија која следи сè на сигурен и транспарентен начин. Придобивките од технологијата се доволно големи за да се одржи нејзиното значење и за идните генерации. Ова се најважните придобивки од блокчејн-технологијата кои можат да се докажат како корисни во бизнисите и другите индустрии:
1. Менаџмент на снабдувачки синџир
Технологијата во оваа област нуди добро следење и ефективност во цената. Може да се користи за следење на движењето на стоката, нејзиното потекло и квантитет. Со тоа се доаѓа до ново ниво на поедноставување на процесите, како што се трансфери, производство и плаќање.
2. Осигурување на квалитетот
Ако некаде се забележи нерегуларност во синџирот за снабдување, блокчејн-системот може да доведе до одредување на потеклото на проблемот. Со тоа се олеснува истрагата во бизнисите и се отстрануваат непотребните активности.
3. Сметководство
Следењето на трансакциите виртуелно преку блокчејн-технологија ги елиминира човечките грешки и ги заштитува податоците од можни упади. Интегритетот на финансиските информации од компанијата на овој начин ќе биде гарантиран, како и нивната прецизност.
4. Паметни договори
Со ваквите договори соработката може автоматски да се валидизира, потпише и да стапи во сила преку блокчејн-конструкција. Со ова се елиминира потребата од медијатори, а со тоа компанијата штеди време и пари.
5. Гласање
Се избегнува гласачкото мамење, што е голем проблем и покрај веродостојноста на електронските системи за гласање.
6. Размена на берза
Размените што се случуваат на берзите со блокчејн-технологијата ќе бидат посигурни и транспарентни, а некои земји, на пример, Австралија, веќе се обидуваат да го применат таквиот систем, за кој велат дека има огромен потенцијал во таа област.
7. Снабдување со енергија
Комерцијалните претпријатија и домаќинства сега можат да ја искористат предноста на блокчејн-технологијата од трансакциски мрежи, за решенија за одржлива енергија. Технологијата може и да се искористи за подобрување на следењето на чистата енергија.
8. Глобални трансакции
Со блокчејн-технологијата се овозможува брза, сигурна и евтина размена на средства, на глобално ниво. Иако има сервиси како, на пример, „Пејпал“, кои процесираат интернационални плаќања, сепак таквите сервиси имаат и специфични ограничувања, како на пример рестрикции на локации и минимални количини за трансфер. Но, со
блокчејн-технологијата тие ограничувања ги нема, па со оглед на развојот на самата технологија, многу веројатно е дека уште повеќе ќе се користи во оваа област.