X
 18.01.2018 Живот

Игри што го унапредуваат интелектуалниот развој на децата


Девојче си игра со стапчиња
(Фото: Pixabay)


Пред 15 години беше докажано дека интелектуалните способности зависат од бројот на создадени синапси во мозокот. Порано се сметаше дека синапсите се создаваат во преднаталниот период кај детето, но потоа се утврди дека 50% од синапсите се создаваат кај децата до петтата година од животот, 75% до седмата, а целосниот капацитет се достига до 12-тата година од животот, по што веќе не можеме да влијаеме врз интелигенцијата кај децата.

Како да се подготват децата за идниот живот и за предизвиците што ги носи? Како да се усогласи потребата на детето за движење и предизвикот што го носат новите технологии кои буквално можат да го „вкопаат“ в место?

Затоа мораме да пронајдеме вистинска интеракција меѓу училиштето, учењето низ игра, учењето со помош на новите технологии, но и нешто на кое родителите целосно заборавиле – едноставните детски игри што беа вообичаени до пред 10-20 години: трчање, скокање, прескокнување, провлекување, качување... Играњето е многу важно за развојот на децата затоа што основна карактеристика на луѓето е исправениот од, кој еволутивно нè развивал, особено нашиот мозок кој всушност е орган за преживување.

На тој начин се усогласуваат сите делови од мозокот, се поврзуваат и синхронизирано работат. Ако детето поминува долго време во седење и лежење, на тој начин со сигурност им отвора врата на идни когнитивни испади. Затоа родителите треба да воведат некои правила за децата, на пример, еден час седење мора да се компензира со два часа играње надвор од домот.

Родителското влијание врз развојот на синапсите кај своите деца е можно од самото раѓање. Детето мора да има стимулативна средина во секоја фаза од развојот. Сепак, најголемо влијание од родителите е можно во фазата кога детето веќе слуша и разбира, околу третата година од животот.

На листата со корисни активности во тој период се наоѓаат:

Ротација околу својата оска (децата сакаат да ги рашират рацете и да се вртат во круг);

Скокање (децата се радуваат додека скокаат по своите креветчиња);

Игри со одржување рамнотежа (децата уживаат одејќи по рабовите на тротоарите или банкините);

Качување по дрвја, мебел, столови.

Значи, иако родителите обично не дозволуваат вакви активности, плашејќи се дека децата можат да се повредат, ваквите игри всушност се многу важни за нивниот развој. Ние целосно сме ѝ го свртиле грбот на природата, а за тоа плаќаме висока цена.

Статистиките покажуваат значителен пораст на дислексии, дисграфии, дискалкулии и други нарушувања кои ги оневозможуваат децата при процесот на учење и постигнување резултат во согласност со нивниот генски потенцијал.

Затоа, мораме да им помогнеме на децата училиштето да го сфатат како забава, затоа што учењето е игра. Треба да разбереме дека ако ги принудуваме децата на репродуктивно учење, тоа е во спротивност со физиологијата и неминовно со тек на време води да отпор кон училиштето и учењето.

Помош низ игра:

Класификација – бараме од детето да ги класифицира предметите според некое обележје, на пример, да ги одвои црвените топчиња од другите. Постои и повисок начин на класификација, која детето ја изведува во своите мисли, преку симболи и апстрактни поими;

Серијации – бараме од детето предметите да ги реди според големината;

Аналогии – на пример, го прашуваме детето што им е заедничко на знамињата на Ирска и Италија, а не важи за знамињата на Русија и Франција. Детето ги анализира сите 4 знамиња и одговара: „Зелената боја“. Овој систем може да се вежба од третата година од животот;

Асоцијации – над 30% од невроните се асоцијативни неврони, а цела мрежа од синапси се развива поради овој вонредно важен биолошки дел, кој едноставно кажано е систем за меморија, препознавање, поврзување и анализа;

Апстрахирање – препознавање на симболите на апстрактните поими.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот