Во последно време стана вообичаено насекаде да среќаваме мали деца со таблет или мобилен телефон во рацете како гледаат цртани филмови. На прашањето зошто го дозволуваат тоа, родителите одговараат дека тогаш децата се мирни и не прават проблеми.
Децата не се виновни за ваквото однесување бидејќи најверојатно ги гледаат родителите како го прават истото, па тие само го копираат нивното однесување. Дополнително, кога ќе сфатат дека тие мали уреди им овозможуваат да го гледаат она што го сакаат, на среќата ѝ нема крај.
Тешко е во денешно време да се избегне технолошкиот напредок, но кога веќе е така, тоа треба добро да се искористи. Освен гледањето цртани филмови, децата можат да почнат со учење нови работи од најмала возраст. По истиот принцип, како што го впиле вашето однесување, така ќе можат да ги впиваат и бројките, буквите, формите и боите со помош на Андроид-апликации кои се наменети за учење.
Animal sounds
Што прави кучето, а што мачето? Тоа се прашања што му ги поставува секој возрасен на мало дете, со надеж дека ќе го чуе вистинскиот одговор. Но, тоа се животни кои детето може да ги види во живо, и сигурно лесно ќе ги запомни звуците што тие ги испуштаат. Но што со оние животни кои детето не може да ги сретне во живо? Оваа апликација е вистинско решение за оваа дилема. Оваа едукативна алатка е совршена за деца на возраст меѓу една и пет години и е многу едноставна за користење. Детето треба само да го допре екранот, па животното го испушта звукот. На располагање се 80 различни животни, а константно се додаваат и нови опции. Апликацијата има преубава графика и топол глас кој го следи доживувањето од откривањето на звуците од животни.
Kids Balloon Pop Game Free
Шарените балони отсекогаш ги привлекувале детските погледи, но сега од нив може нешто и да се научи. Со помош на оваа апликација децата можат да ги учат азбуката и броевите. Постојат три начини на кои може да се игра со апликацијата. Првиот вклучува едноставно дупчење на шарените балони. При вториот начин децата мораат да го дупнат оној балон што е поврзан со определена буква која ја изговара апаратот. Кај третиот начин, наместо букви, се слушаат бројки.
Апликацијата содржи графика со многу бои, убави цртежи од животни и разни заднини, но исто така е приспособена и за деца со оштетен вид, па има можност да се исклучи заднината и да се зголеми величината на балоните за детето полесно да може да ги дупне.
Kids Doodle
Боењето и шарањето по хартија, ѕидовите и мебелот е неизоставен дел од секое детство. Како да се избегне тоа? Лесно, со помош на оваа апликација која е посебно дизајнирана за едноставно користење. Апликацијата содржи единствен „филмски мод“ кој преку краток филм ќе го прикаже создавањето на тоа „уметничко дело“. Сите детски „трудови и дела“ ќе останат архивирани во галерија.
Educational games for kids (Едукативни игри за деца)
Оваа апликација содржи неколку забавни игри преку кои децата ќе учат за звуците, формите и боите. Исто така, има можност и да се научат звуци од над 100 животни.
Апликацијата е соодветна за вежбање на мозокот, когнитивните способности, концентрацијата, памтењето и поттикнува креативност. Ги подобрува когнитивните активности на мозокот и телото, како и нивната координација. Едноставна е за користење, а погодна е за секоја возраст.
Mickey's Color and Play!
Мики и Мини со децении забавуваат нови генерации деца кои лесно ги прифаќаат и брзо ги засакуваат. Претходните генерации имаа можност да ги гледаат само на телевизија, а сегашните буквално ги имаат на дланка, во бои кои самите ќе ги изберат.
Оваа апликација го овозможува токму тоа: децата сами да изберат во која боја сакаат да ги гледаат своите омилени цртани јунаци, а лесно можат да го приспособат и целото опкружување. Кога ќе завршат со боењето на Мики и Мини, тие оживуваат во 3Д-анимација. Апликацијата нуди стотина алатки, бои и текстури, а вашето дете секојпат одново ќе ужива во создавањето нов свет.