Од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија велат дека измените се направени во координација со Министерството за образование и наука и со Бирото за развој на образованието. Според нив, измените се во интерес на учениците
Изменети се условите според кои основците ќе се пријавуваат на натпреварите по хемија.
Од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија велат дека измените се направени во координација со Министерството за образование и наука и со Бирото за развој на образованието. Според нив, измените се во интерес на учениците.
Направени се измени во членовите 11 и 14 од Правилникот за организација и реализација на натпревари по хемија за учениците од основното образование. Така, на регионален натпревар во одредена категорија ќе се квалификува најдобро пласираниот ученик на општинскиот натпревар. На државен натпревар, пак, ќе се квалификуваат првите тројца најдобро пласирани ученици од секој регион во секоја категорија, доколку имаат освоено и најмалку 40 отсто од вкупниот број поени.
Другите ставки од овој член остануваат непроменети. Листата со ученици што обезбедуваат пласман на регионален натпревар може да се надополни со ученици кои освоиле определен број бодови во соодветната категорија. Овој број на бодови го одредува ДКНХ, по добивање на конечните ранг-листи по категории од сите општини во Македонија. Освен тоа, на регионален натпревар во категорија 2 директно се пласираат и оние ученици што на минатогодишниот државен натпревар освоиле прва награда во категорија 1. Листата со ученици што обезбедуваат пласман на државен натпревар може да се надополни со ученици кои освоиле определен број бодови во соодветната категорија. Овој број на бодови го одредува ДКНХ, по добивање на конечните ранг-листи по категории од сите региони во Македонија.
Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и понатаму ќе доделува дипломи како награда за најдобро пласираните натпреварувачи на државниот натпревар и пофалници за регионалните натпревари во секоја категорија. Измени има во критериумите за награди. Прва награда е за освоени 95,0–100 бода, втора награда за
85,0–94,9 бода, а трета награда ќе се доделува за освоени 70,0–84,9 бода. Бодовите и понатаму се пресметуваат според формулата n•100/nmax, каде што n е бројот на освоени бодови, а nmax е бројот на бодови на првопласираниот ученик на конечната ранг-листа.