X
 27.01.2018 Живот

Правилното воспитување е комбинација од љубов и дисциплина!


Деца се прскаат со вода.
(Фото: Pixabay)


Веќе подолго време ја користам секоја можност што ќе ми се укаже да напоменам дека секое лице, малолетно или полнолетно, мора паралелно со своите права да има и одредени обврски. Правилното воспитување е комбинација и добро одмерена доза на љубов и дисциплина, каде што љубовта никогаш не може да биде претерана доколку дисциплината е добро и навремено спроведена. Едно без друго не може да се нарече квалитетно воспитување кое е насочено кон развој на детето во личност која е полноправен и корисен член на општеството. Под дисциплина ги подразбирам сите со закон дозволени влијанија кои имаат за цел усвојување на посакувани однесувањана кај детето кои се корисни за општеството.

Зошто постојано го нагласувам општеството?

Воспитувањето на детето не е само работа на семејството доколку истото не се спроведува правилно. Тогаш тоа станува прашање на општеството. Ќе наведам два примери. Првиот е кога имаме родители кои применуваат незаконски облици на влијание врз детето, како тешко физичко насилство и слично. Тогаш проблематиката на семејството во кое се спроведува насилство престанува да се однесува само на семејството и прераснува во нешто кое е одговорност на општеството.

Вториот пример е кога на детето му се даваат многу права, а недоволно обврски или пак детето е воспитно запуштено. Во тој случај детето без влијание од родителите не изградува морални норми кои важат за едно општество и подоцна многу лесно ја поминува границата која води кон нелегални активности, притоа наштетувајќи си и себе и на општеството.

Дури и најнедисциплинираното дете кое навреме ќе се воведе во средина во која владеат јасни правила може да усвои и најчесто тежнее и самото да ги усвои правилата на однесување кои важат за таа средина, затоа што правилата заедно со добиеното внимание, нежност и љубов се она што ја создава структурата – која за децата значи сигурност, предвидливост, безбедност, но во исто време и начин преку кој ќе биде прифатено од оние кои тие правила веќе ги усвоиле.

Тоа е да кажеме една од клучните поставки на животот и работата во предучилишните установи, каде децата заедно со воспитувачите смислуваат правила кои важат за сите во групата, затоа што без таков договор живеењето и работата во толку голема група би биле неможни, би се случувале чести повреди кај децата и други потешки проблематики. Децата обично самите ги предлагаат правилата кои важат во нивните семејства.

Со почитувањето на основните нужни правила кои меѓусебно се дебатирани и прифатени од децата, а важат за сите еднакво, им се обезбедува неограничена можност во искажувањето на креативноста, знаењата, способностите, талентите и слични работи, во слобода.

За подобро да го објаснам ова, нудам еден од моите омилени цитати од Марија Монтесори, кој гласи: „Да му се дозволи на детето да прави што сака, тогаш кога тоа сè уште во себе не развило каква било можност за контрола, претставува предавство на идејата за слобода“.


Пишува: Гордана Белоциќ, мастер воспитувач
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот