X
 21.04.2024 Здравје

15 неочекувани симптоми што укажуваат на рак на белите дробови

Ракот на белите дробови не секогаш има очигледни симптоми додека не достигне напредна фаза. Постојана кашлица, отежнато дишење, кашлање крвава слуз, засипнатост, болка во градите, тешки инфекции... се едни од најчестите симптоми на рак на белите дробови. Но, треба да имате на ум дека има уште неколку изненадувачки знаци кои можат да укажат на болеста.

Што предизвикува рак на белите дробови?

Пушењето е една од главните причини за рак на белите дробови и е причина за смрт во 80 отсто од случаите кај жените и 90 отсто кај мажите. Мажите што пушат имаат 23 пати поголеми шанси да заболат од рак на белите дробови, додека жените што пушат имаат 13 пати поголеми шанси да заболат од рак на белите дробови.

Сепак, и непушачите добиваат рак на белите дробови, а ризик-фактори се изложеност на радон и на канцерогени материи, како што се испарувањата на работното место. Непушачите кои се изложени на пасивно пушење имаат 20-30 отсто поголем ризик од развој на рак на белите дробови.

Ракот на белите дробови е најчест кај луѓето постари од 65 години. Но, и помладите возрасни лица може да добијат рак на белите дробови. Статистиката покажува дека помалку од 2 отсто од пациентите се на возраст под 35 години.

Ракот на белите дробови е индициран и со неочекувани симптоми

Она што може да изненадува е бројот на неочекувани симптоми на рак на белите дробови. Бидејќи се чини дека немаат никаква врска со белите дробови, овие симптоми обично не се поврзуваат со можна дијагноза на болеста.

Болка во раката или рамото
- еден тип рак на белите дробови (Панкоаст тумор) се развива во горниот дел на белите дробови. Наместо да влијаат врз белите дробови, овие тумори може да се шират на ребрата, 'рбетните пршлени или нервите, или на крвните садови. Тие предизвикуваат болка во лопатката на рамото, горниот дел од грбот или рацете и може да предизвикаат вкочанетост или пецкање во рацете.

Проблеми со очите
- Панкоаст тумори кои предизвикуваат болка во раката/рамото може да предизвикаат и проблеми со очите. Пациентите може да имаат помала зеница на едното око од другото, очниот капак може да се спушта и може да има помалку потење на таа страна од лицето. Овој „кластер“ на очни симптоми се нарекува Хорнеров синдром и е знак за рак на белите дробови.

Проблеми со рамнотежата
- Чувството на нестабилност или губење на рамнотежа може да биде резултат на рак на белите дробови. Туморот може да биде во близина на горната шуплива вена (големата вена која носи крв од главата и рацете, назад до срцето). Како што расте туморот, може да предизвика крвта да се врати во оваа вена, предизвикувајќи вртоглавица или губење на рамнотежата. Анемијата, вообичаена со ракот на белите дробови, исто така може да предизвика проблеми со рамнотежата.

Главоболки - Главоболката може да биде предизвикана од тумор во близина на горната шуплива вена. Задржаната крв во оваа вена може да предизвика несвестица. Високото ниво на калциум во крвта, забележано кај околу 20 проценти од лицата со рак на белите дробови, исто така предизвикува главоболки.

Оток на вратот, рацете или горниот дел од градниот кош - Понекогаш придружена со синкаво-црвена нијанса на кожата, оваа состојба се нарекува „синдром на супериорна вена кава“. Туморите во пределот на горната шуплива вена може да ги притиснат вената и блиските лимфни јазли, што може да предизвика крвта да се врати во вените правејќи тој дел од телото да изгледа отечено.

Зголемување или губење на тежината
- Пациентите со рак на белите дробови може да се здебелат или да изгубат тежина. Ракот на белите дробови од сквамозните клетки понекогаш предизвикува телото да произведува хормон наречен „ACTH“, кој предизвикува телото да произведува кортизол. Премногу кортизол предизвикува задржување на течностите и зголемување на телесната тежина. Другите пациенти, сепак, губат тежина - обично предизвикани од повисоки нивоа на калциум што предизвикуваат губење на апетитот.

Згрутчување на крвта - Луѓето со рак на белите дробови имаат поголема веројатност да развијат згрутчување на крвта во нозете, рацете или белите дробови. Истражувачите веруваат дека ракот го зголемува воспалението во телото, а воспалителните состојби за возврат предизвикуваат згрутчување на крвта.

Болка во коските - Некои луѓе чувствуваат болка во коските, или слабост и болка. Понекогаш е тешко да се направи разлика помеѓу болки во коските и болки во мускулите. Ако болката се влошува кога се движите, навечер или кога лежите на грб, веројатно се работи за болки во коските. Ракот на белите дробови може да се прошири на коските, предизвикувајќи болки во 'рбетот/грбот, карлицата или големите коски во рацете и нозете.

Здебелување на врвовите на прстите (згрчени прсти) - Состојбата кога краевите на прстите изгледаат како да се згуснале и станале заоблени, а ноктите почнуваат да се наведнуваат како лажица - е еден од необичните симптоми на рак на белите дробови. Дури 80 отсто од луѓето со овие прсти имаат рак на белите дробови.

Дигестивни проблеми
- Помеѓу 10 и 20 проценти од луѓето со рак на белите дробови имаат високи нивоа на калциум во крвта - состојба наречена хиперкалцемија. Премногу калциум во крвта може да предизвика дигестивни проблеми, како што се болки во стомакот, запек или гадење.

Екстремна жед и често мокрење - Повисоките нивоа на калциум во крвта (хиперкалцемија), кои предизвикуваат дигестивни проблеми, може да предизвикаат и екстремна жед и често мокрење.

Замор или чувство на замор - Бидејќи ракот на белите дробови предизвикува белите дробови да не функционираат добро, пациентите може да станат анемични. Ракот се храни со хранливи материи на телото, лишувајќи го телото од енергија за извршување на секојдневните задачи. Овој симптом сам по себе не е знак за рак на белите дробови, но треба да го пријавите на лекар доколку почувствувате прекумерен замор, за да може да го оцени овој симптом заедно со сето друго.

Проблеми со срцето - Високото ниво на калциум и анемијата може да предизвикаат проблеми со срцето - обично или брзо или неправилно чукање на срцето. Високото ниво на калциум може да предизвика исклучително сериозни срцеви проблеми - срцев удар или кома. Пациентите со тешка анемија може да доживеат болка во градите и отежнато дишење.

Лесно оставање на цигарите - Некои луѓе, кои можат наеднаш да престанат да пушат со леснотија, можеби веќе имаат рак на белите дробови. Експертите веруваат дека тоа е затоа што клетките на ракот на белите дробови можат да ја попречат зависноста од никотин.

Отечени гради кај мажите - Пореткиот тип на рак на белите дробови, крупноклеточниот карцином, може да го попречи нивото на хормоните кај мажите, предизвикувајќи оток и осетливост во градите на мажот.

Извор: Eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје