Крајот на учебната година е стресен период за децата, за нивните родители, но и за наставниците. Желбата за петки во свидетелствата особено се изразува во месецот мај, кога се утврдуваат годишните оценки. Наставниците апелираат родителите да не вршат притисоци на сите можни начини и да ги учат децата дека треба да се борат за знаење, а не за оценки. Сѐ повеќе родители причините за постигнатиот слаб успех на своите деца ги наоѓаат кај наставниците, во смисла на тежок тест, недоволно објаснето, високи барања од децата и сл. Притисокот од родителите врз наставниците особено се нагласува и чувствува пред тримесечје или полугодие.