X
 31.01.2018 Наука

Што прави нашето тело додека спиеме?


Девојка спие
(Фото: Pixabay)


Повеќето зборови што се изговараат во сон се негативни, па дури и вулгарни, покажа француската студија што е објавена во списанието „Слип“. Постои интернет-страница - „Слип ток рикордер“ каде што луѓето ги поставуваат снимките од она што го изговориле во сонот.

На речиси 10 проценти од снимките можат да се чујат вулгаризми. Но еден збор се изговара почесто од другите, а не е пцост: зборот „НЕ“, пренесува порталот msn.com.

Научниците претпоставуваат дека зборувањето во сон настанува при фазата РЕМ од спиењето кога се најголеми можностите за интензивни, емоционални соништа. Во тие соништа можни се и доживувања на некакви заканувачки ситуации кои ги тераат луѓето гласно да го изговорат зборот „не“.

Особено интересно во ова истражување е што повеќето разговори во текот на спиењето се граматички исправни, па дури и речениците што содржат многу пцости.

Еве што прави нашето тело додека спиеме:

Мускулите се парализирани

Со влегување во РЕМ-фазата од спиењето, која е најдлабока од сите, мускулите на вашите екстремитети целосно се парализираат и секое движење привремено е оневозможено.

Постои нарушување во спиењето кога таа парализа трае и по будењето, а може да трае од неколку секунди до неколку часа. Ова застрашувачко чувство го доживуваат лица што страдаат од нарколепсија – тие ги отвораат очите кога се будат, но не можат да направат никакво движење.

Очите се движат со полна брзина

Сите фази од спиењето служат за специфични цели за одржување на вашето тело и мозокот здрави и опуштени. Постојат пет фази во спиењето, а секоја е подлабока од претходната. Кога ќе завршат сите пет циклуси, сè почнува од почеток.

Последната РЕМ-фаза е најактивна и почнува приближно по 60 до 90 минути откако ќе заспиете. Во оваа фаза вашите очи се движат со полна брзина напред-назад, а вашиот ум е насочен кон она што го сонувате.

Се лачи хормонот за раст

ХГХ-хормонот, попознат како хормон за раст, е одговорен за регенерација на коските, мускулите и ткивата. Кога спиете, производството на овој хормон се активира низ целото тело и придонесува за зацелување на рани и регенерација на клетките. Додека сме млади, овој хормон го поттикнува растењето и има многу други ефекти врз телото.

Грлото се стегнува

Во текот на спиењето, мускулите што го држат грлото отворено додека сте будни се опуштаат, а големината на грлото се намалува. Токму тоа е главната причина за појавата на ’рчењето. Иако постојат и други фактори што придонесуваат за производство на таков звук, како на пример – назалната опструкција.

Чкртање со забите

Тој феномен се нарекува бруксизам. Тоа не му се случува на секој, но некои луѓе често се будат со силна болка во вилицата затоа што цела ноќ чкртале со забите. Бруксизмот може да има и морфолошко потекло – се јавува како последица од неправилности во анатомијата на вилицата. Но, некогаш се појавува и поради психолошки причини затоа што на тој начин некои луѓе несвесно се ослободуваат од напнатоста што ја акумулирале во текот на денот.

Спонтано сексуално возбудување

И мажите и жените понекогаш доживуваат сексуална возбуденост во текот на спиењето, а тоа се случува поради кулминацијата на мозочната активност во текот на брзото движење на очите при спиењето. Тоа значи дека на вашиот мозок му треба повеќе кислород, а тоа доведува до зголемена циркулација на крвта низ телото. Освен врз мозокот, тоа влијае и врз секој орган во вашето тело, па така и на најинтимните делови, што доведува до активација на половите хормони.

Мозокот измислува приказни


Начинот на кој се формираат нашите соништа останува мистерија за научните кругови. Денес знаеме дека нашиот мозок конструира соништа од нашите сеќавања кои се присутни во секојдневниот живот, како и од длабокиот потсвесен материјал. Значи, неодамнешните сеќавања се комбинираат со информациите што сме ги складирале со години наназад – сеќавања, трауми, емоции и чувства – создавајќи мистериозни, некогаш дури и апстрактни соништа. Меѓутоа, сè уште не може да се утврди зошто нашиот ум ноќе патува на одредени места или, пак, зошто избира одредени спомени, бои, гласови, појави или луѓе.

Некои слушаат изненадни експлозии

Синдромот на „глава што експлодира“ е редок феномен, но сепак може да се појави. Ако тоа ви се случи, ќе почувствувате дека ве разбудила силна експлозија, а најверојатно ќе почувствувате и силен страв и непријатност, иако во реалниот свет ништо не се случило. Луѓето што доживеале вакво искуство велат дека се чувствувале како да им „експлодирала главата“ или како да чуле силен звук сличен на трескот. Тоа може да предизвика и сериозни психолошки последици.

Мозокот се обновува и детоксифицира

Истражувачите од Универзитетот во Рочестер откриле дека во текот на спиењето мозокот на некој начин се чисти од целиот „отпад“ што го собрал во текот на денот. Механизмот кој се активира додека спиеме се нарекува глимфатичен систем. Кога истиот ќе се вклучи, мозокот овозможува отфрлање на бескорисните информации и акумулирање на оние што ги смета за витални, обновувајќи ги врските меѓу нив.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука