Светот забрзано работи на изградба на
нови градови за да го симне неиздржливиот товар од пренаселените. Во идеални услови, тие би требало да обезбедат простор за домување, но и отворање нови работни места, а истовремено треба да бидат одржливи и климатски неутрални. Дали ова е реално достижна цел?
Неом – иднината на пустината
Ако сè тече како што предвидел саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, Неом, кој допрва треба да се гради, ќе биде најмодерниот, нејбезбедниот и најефикасниот град на светот. Тој планира да вложи 500 милиони долари (404 милиони евра) во оваа нова специјална економска зона, која е лоцирана во близина на Црвеното Море. Целта на овој проект е да се отворат нови работни места за младите луѓе, а самиот град ќе има сопствени надлежности.
Масдар: зелен, но празен
Изградбата на Масдар во Обединетите Арапски Емирати – еколошки град со висока технологија, требаше да биде завршена во 2016 година. „Датумот на отворањето“ е поместен, а пропаднаа и плановите градот да биде целосно ослободен од емисии на јаглероден диоксид. Сега се планира градот да биде комплетно завршен до 2030 година. Меѓународната агенција за обновлива енергија веќе има обезбедено свои простории во градот, исто како и компанијата „Сименс“, но населувањето на жителите допрва се очекува.
Мајдар во Монголија
Главниот град на Монголија – Улан Батор се задушува во смог, а сообраќајните метежи се неподносливи. Новиот град Мајдар се планира да биде изграден јужно од престолнината, за да се релаксира ситуацијата. Според плановите на архитектот Штефан Шмиц од Келн, градот ќе има 300.000 жители кои ќе живеат во опкружување што нема да биде штетно за околината. Симбол на овој пустински град ќе биде најголемата статуа на Буда во светот.
Новиот град наречен Линганг
Линганг, во близината на Шангај, би требало да стане економски центар. Архитектонската фирма „Геркан, Марг и партнери“ од Хамбург, која го дизајнира градот, ќе обезбеди достапно домување за 800.000 лица. Новодојдените жители ќе чекаат на вработување во високотехнолошкиот истражувачки центар, контејнерското пристаниште Јангшан и придружната зона за слободна трговија.
Јужнокорејска памет
Градежното земјиште со површина од шест квадратни километри наменето за јужнокорејскиот град Сонгдо е лоцирано покрај градот Инчон. Околу 100.000 луѓе, главно богати, веќе живеат во Сонгдо, кој претендира да стане „најпаметниот“ град во светот. Буквално сè, од сообраќајот преку полицијата до приватните куќи, е меѓусебно поврзано и опремено со камери и сензори.
Нигерискиот Менхетен
На периферијата на Лагос багерите веќе забрзано го подготвуваат земјиштето каде што ќе биде лоциран новиот луксузен финансиски центар, кој ќе биде дом на околу 250.000 жители. Еко Атлантик Сити ќе има трговски центри, марина и облакодери. Бидејќи повеќе од половината Нигеријци живеат во сиромаштија, критичарите на Еко Атлантик Сити велат дека тој ќе биде „изолирано место за забава на богатите“.
Белмонт во продукција на Бил Гејтс
Според податоците од неговата страница, основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, стои зад плановите за изградба на Белмонт Смарт Сити во американската сојузна држава Аризона. Градот би требало да биде изграден на 70 километри од главниот град на државата – Феникс, со капацитет од околу 200.000 жители. Иако е на самиот почеток, на овој експеримент се гледа како на експеримент за процена на интеракцијата меѓу „паметните“ концепти, од домовите преку работните места, па сè до комплетниот град.
Канадскиот Гуглград
Родителската компанија на „Гугл“ – „Алфабет“ проектира нов округ во Канада. Еден ден таму ќе живеат 10.000 луѓе кои ќе бидат дигитално поврзани на повеќе начини. Кејсад во Торонто ќе собере цело богатство на дигитални податоци за своите идни жители.