На многу места во Сингапур може да се забележат знаци на кои пишува дека продавницата или ресторанот нуди здрава храна. Сето тоа е дел од програмата за здрава исхрана преку која снабдувачите добиваат грант ако ги изберат поздравите опции. Мал, но значаен начин преку кој владата ја поттикнува популацијата да прави подобар избор.
Сингапур соработува со други земји во оваа област, како на пример со Велика Британија. Така, го користи и британскиот метод за донесување подобри одлуки преку дискретни политики, но сепак да се задржи слободата на избор на граѓаните. Можеби не сте знаеле, но во Сингапур е забрането да се џвака гума за џвакање.
Пред да стане независна земја, Сингапур се соочувал со низа социо-економски проблеми – невработеност, недостиг од образование, недостиг на природни ресурси. За земјата да напредува, владата почнала да презема контрола. Изградила високи социјални згради и инвестирала во индустријализација, со што се создале нови работни места. Се креирале многубројни јавни кампањи за да се постави основата и да се креира чувството за социјален идентитет во мултикултурна средина. Првично се обрнало внимание на чистотата и хигиената во животната средина.
Целата нивна стратегија се исплатила по 50 години, па економијата станала една од најиновативните во светот. Политиките што земјата ги спроведува се навистина едноставни. Канти за ѓубре се поставени на автобуските станици за да ги одделат пушачите од другите. Сметките за комунални услуги покажуваат колкаво е трошењето на електричната енергија во вашиот дом во споредба со соседите. На влезовите од социјалните згради се изградени фитнес-сали, а железничките станици имаат зелени и црвени стрелки на платформата кои покажуваат каде треба да стоите за да го забрзате процесот на подредување. Приоритет во земјата е и популацијата да се храни поздраво. Една од опциите за да ги потсети на тоа е поевтината здрава храна. Во Сингапур поевтино е да купите зеленчук и овошје отколку да јадете мрсна брза храна.
Владата има воведено и финансиски примања за оние родители што ќе се охрабрат да имаат повеќе деца, како и фонд за штедење кој ќе се користи за нега на децата.
Дали сите овие политики доведуваат до поттикнување на луѓето во одредена насока? Дали има културолошки разлики во начинот на кој луѓето реагираат кога се насочени да го направат подобриот избор? Во врска со оваа тема не се спроведени доволно истражувања за да се откријат одговорите на овие прашања. Од она што е достапно се гледа дека луѓето навидум ги одобруваат овие политики сè додека тие се вклопуваат во нивните вредности и интереси. Во Сингапур довербата во владата е голема, па со тоа и поддршката за таквите политики.
Факт е дека Сингапур во моментов е една од најразвиените земји, која е во чекор со постојаниот напредок на технологијата. Тешко е да се замисли дека само пред 50 години земјата немаше ништо од наведеното. Преку внимателно избрани политики оваа
земја си го трасира сопствениот пат кон светла иднина.