Поминав десеттина аптеки. Кога ќе ме видеа со рецептите и книшките, веднаш велеа: „А, немаме веќе лекови на рецепт, квотите се исполнети за месецов“. Беше 23 февруари – вели Марија Стојановска од Скопје
Пациентите-осигуреници на Фондот за здравствено осигурување мора да шетаат од аптека до аптека за да ги бараат лековите кој им ги пропишуваат матичните
лекари. Но залудно. Аптеките кои издаваат лекови на државен трошок по сè изгледа одамна ги потрошиле квотите кои им ги определува Фондот за тоа колку
терапија може да издадат, за која се плаќа само партиципација. Така, пациентите мора да си ја плаќаат приватно, со полна цена.
Граѓаните се револтирани
Граѓаните се револтирани зашто болни мора да лутаат од аптека во аптека.
- Матичниот лекар ми пропиша „амоксицилин со клавулонска киселина“. Јас имам68 години. По снегот бев во пет аптеки и секаде го добив истиот одговор - дека
немаат квоти за лекови. Наводно им завршиле пред 20 февруари. На крај си го купив лекот приватно. Ова е проблем кој што трае со години и е најизразен во месеците кога има
вируси. Мора да си најдат решение. Вака имаме полно право да се сомневаме дека повеќе им одговара да си ги плаќаме лековите. Тоа е многу неодговорно – вели
Новит Б. од Скопје.
Квотите за лекови во повеќето аптеки се трошат пред истекот на месецот, меѓутоа во овој период тоа се случило многу порано. Аптекарите објаснуваат дека
проблемот не е кај нив и дека тие издаваат лекови онолку колку што им е дозволено.
- Пред две недели син ми се разбуди со тешка кашлица. Веднаш заминавме на педијатар. Немаше температура, само многу кашлаше. Лекарката веднаш рече дека
е ларингитис и му препиша комплексна терапија – антибиотик, антихистамини, ампули за инхалација, витамин Ц, пробиотик. Ме чинеше околу 1.000 денари. Од
сè што му препиша, само антибиотикот и едниот вид антихистамин беа со рецепт, односно партиципација. Сè друго си плативме приватно. За среќа, првата доза
антибиотик го најдовме во аптеките. Но, по контролата, за следната доза сите квоти беа пополнети. Наместо 70 денари, си го плативме 150 денари, а не беше ни
20 во месецот – раскажува Ирена Ивановска.
„Дали да негувам болно дете или да трчам по аптеки?“
Родителите велат дека не знаат дали да ги негуваат болните деца или да трчаат по лекови, кои, пак не ги наоѓаат.
- Ми требаше спреј за алергија за синот, а и исто така и за мене, бидејќи и двајцата страдаме од алергија. Ми требаше и антибиотик „оспен“, како и лекови за алергија.
Матичната ми даде рецепти, но ме предупреди дека тешко ќе ги најдам на рецепт. Освен пробиотик, сè што ми требаше е на позитивна листа. Поминав десеттина
аптеки. Кога ќе ме видеа со рецептите и книшките, веднаш велеа: „А, немаме веќе лекови на рецепт, квотите се исполнети за месецов“. Беше 23 февруари – вели
Марија Стојановска од Скопје.
Терапијата морала да ја купи приватно, а тоа не било евтино.
- Двата спреја, антибиотикот, пробиотикот и лековите за алергија ме чинеа повеќе од 2.000 денари. Се прашувам зошто плаќаме здравствено осигурување. Не се
сеќавам кога последен пат сум земала лекови на државен трошок. Зима е и се знае дека има повеќе болни, зошто не се зголемуваат квотите за лекови во овој период
од годината? До кога надлежните ќе спијат за проблемите на граѓаните? - вели Стојановска.
За проблемот на осигурениците кои не може да набават лекови на државен трошок и за тоа како да постапат и како ќе се реши прашавме во Фондот за здравствено
осигурување. Одговорот на прашањата ќе го објавиме веднаш штом ќе го добиеме.