X
 02.10.2019 Наша тема

Не ви следуваат лекови на државно ако сте биле на доктор приватно. Ги казнува ли државата пациентите што си платиле за услуга?

Пациентот што си плаќа придонеси за здравствено осигурување, а одлучил да оди на приватен специјалист, ќе плати повеќе иако со својата постапка го намалил редот за чекање во „Мој термин“ и ѝ заштедил пари на државната здравствена каса

Прегледот кај специјалист што работи приватно може да ве чини многу повеќе отколку што ќе платите за оваа услуга. Кога овој лекар ќе ви препише терапија и ќе појдете кај матичниот доктор да ви даде рецепти за да ја земете на државен трошок, ќе бидете одбиени. Матичните не може да издаваат рецепти врз основа на мислењето на приватни специјалисти. Така, или ќе си платите полна цена за терапијата или ќе треба да одите на ист специјалист што работи преку „Мој термин“, т.е. има договор со Фондот за здравствено осигурување, за да потврди дека треба да ги примите тие лекови. Ова чудно правило за кое долго време реагираат и здравствени работници и пациенти чини време, пари, нерви, трчање... Но, останува во сила.
За иронијата да е поголема, пациентот што си плаќа придонеси за здравствено осигурување, а одлучил да оди на приватен специјалист, ќе плати повеќе иако со својата постапка го намалил редот за чекање во „Мој термин“ и ѝ заштедил пари на државната здравствена каса плаќајќи за услуга од свој џеб. Од друга страна, мислењето на приватните специјалисти како да не се признава, иако за некој да може да прегледува, според законските одредби, мора да има лиценца за работа.

Дополнително малтретирање

- Пред некое време бев на приватен специјалист. Лошо ми беше. Ми даде „лосартан“ за регулирање на притисокот. Овој лек не се пие еден месец. Кога се вратив кај матичната, ми кажа дека не ми следуваат рецепти за него преку Фондот и дека мора да ми закаже кај доктор преку „Мој термин“ што ќе ја потврди терапијата. Ги купив додека да се случи тој преглед. На мој пријател истото му се случи за „торвекс“, лек за маснотии. Ние сме тазе пензионери, можеме да си дозволиме да се шетаме по ординации, ама што е со оние што работат? И зошто мене ме казнува државата, ем ја заштедувам за преглед ем треба да плаќам потоа за лекови. Ние одлучивме да си платиме за преглед и тоа е наше право. Не ми е јасно зошто не можам веднаш да си го остварам правото како осигуреник. Па тој приватен доктор исто има диплома, зарем неговото мислење не важи? – вели Живко К. од Скопје.



Небулоза, така го нарекува ова правило Маја С. од Скопје.

- Ќерка ми има алергиска астма и неопходно е да користи спрејови како „вентолин“ и „флексотиде“. Последен пат кога имаше опструктивен бронхитис ја однесов на приватен специјалист, од кој сум многу задоволна. И сега, кога треба да ги купам спрејовите кои одат преку Фондот, не можам затоа што матичниот лекар не го признава извештајот од пулмо-алергологот. Ме советуваат дека мора државен специјалист да ми ги препише. Сосема ми е нелогично што не ги признаваат приватните лекари и специјалисти. Родител решил да потроши пари на приватно, од икс-причини (да забрза лекување и да скрати нервози) и е „казнет“ што го сторил тоа. Па тоа се лекари што завршиле на истите факултети, а добар дел од нив излегле од истата државна клиника. Ама кај нас мора сѐ да биде искомплицирано - вели мајката.

Парите мора да го следат пациентот

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружение на приватни лекари, вели дека мора да закажуваат прегледи кај специјалисти за пациенти што сакаат државно да ја подигнат терапијата препишана од приватен специјалист. Таа смета дека се малтретираат пациенти кои уредно плаќаат здравствено осигурување за нешто што им следува нормално.
- Парите мора да го следат пациентот, тоа е моето убедување и сметам дека вака не е во ред. Освен што е ова мака на пациентите, вака и не се гледа квалитетот на специјалистите во јавното здравство и не може реално да се процени нивниот труд - вели таа.



Проф. д-р Андреја Арсовски, торакален хирург и медицински директор на приватната болница „Ре-Медика“, вели дека досега многупати е реагирано за оваа ситуација, а одржувани се и состаноци, но залудно.
- Парите мора да го следат пациентот. Ако јас имам лиценца да оперирам, да практицирам медицина и ако веќе решиле да не го признаат плаќањето на прегледот, зошто тогаш да не го признаат мислењето за лековите и разни помагала. Ако некој сака да прави криминал, може да го прави и државно и приватно. Ова мора да се смени - вели професорот.

Од Фондот објаснуваат само дека одредбата (член 9 став 2 од Законот за здравственото осигурување) регулира дека пакетот на основни здравствени услуги оваа установа им го обезбедува на осигурените лица во здравствените установи утврдени со мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствената дејност, односно во здравствени установи со кои склучил договор и во висина на утврдени цени со правилник на Фондот.
- Дополнително одредбата е дорегулирана и со членот 3 став 2 од Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување, според кој, здравствените услуги осигуреното лице може да ги оствари само во здравствени установи со кои Фондот склучил договор. Оттука, на товар на Фондот можат да бидат само здравствени услуги за кои издал упат и лекови кои ги препорачал лекар од здравствена установа со која Фондот има склучено договор - велат оттаму.
За размислувања за евентуални промени на системот не добивме одговор ниту од оваа институција ниту од Министерството за здравство.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема