X
 05.03.2018 Наука

Култот на хиперполиглотите

jazik

Многу луѓе сакаат да зборуваат втор јазик, но за некои два јазици не се доволно. Добре дојдовте во светот на хиперполиглотите.

Реј Гилон зборува 18 јазици. Да бидеме попрецизни, тој 8 јазици зборува течно, а останатите 10 ги разбира и зборува само разговорно.

Реј зборува португалски, тајландски, руски, полски, холандски, дански, норвешки, бугарски и мандарински.

Во Велика Британија, каде што постои зголемена вознемиреност поради неуспехот на луѓето да научат дополнителни јазици, Гилон изгледа како аномалија. Сè поголем број деца се откажуваат од учењето јазици. Издавачката куќа „Харпер Колинс“ била во потрага по студент кој може да зборува повеќе јазици - така, откри 20-годишен студент кој може да зборува 11 јазици.

Што е тоа што некои луѓе ги тера да учат јазици?

За полиглотот Гилон, неговата љубовна врска со јазикот започнала случајно. Тој вели дека првпат научил француски и латински на 11-годишна возраст, а подоцна почнал да ги учи францускиот и германскиот како изборни предмети додека студирал електроинженерство.

„Меѓутоа, откако првпат се вработив и бев испратен да живеам на југот од Франција, сфатив дека имам вистински ентузијазам за јазиците“, вели тој.

„Отидов во Италија на викенд и се вљубив во јазикот, купив книга и почнав да го проучувам. На крајот од мојот тригодишен престој во Франција течно ги зборував двата јазика“, вели тој.

Наредната работа на Гилон го однела низ целиот свет, така што тој научил германски, шпански, полски и шведски. Тој вели дека голем дел од јазиците што ги учел ги користел во неговиот секојдневен живот, а неговата моментална работа, која вклучува надгледување на верзиите на холивудските филмови на странски јазик, значи дека мора да ги има усовршено неговите вештини.

„Имам голема библиотека со книги на странски јазици, така што редовно се надградувам, читам весници и гледам телевизија на различни јазици. И мојата подобра половина зборува шест јазици, па ги зборуваме секој ден“, вели тој.

Според авторот и лингвистичкиот експерт Ерард, не постојат многу хиперполиглоти како Гилон, меѓутоа, вели дека е тешко да се дефинираат хиперполиглотите и полиглотите бидејќи во суштина тие треба да знаат повеќе да зборуваат, а не да пишуваат и читаат. Во некои случаи писменоста не е можна, или јазикот нема азбука.

„Повеќето луѓе велат дека е полесно да се научат јазиците кога човек е помлад“, вели Дејвид Грин од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој специјализирал за билингвизам.

„Луѓето можат да учат јазици во кој било момент од нивниот живот. Тука е важна и личноста на еден човек, а неговата неспособност да го толерира срамот од неизбежните грешки, ќе го направи учењето тежок процес“, вели Дејвид Грин.

„Полиглотите се дефинитивно во пораст во светот, главно поради миграцијата. Се проценува дека За 10 години 50 отсто од Американците ќе зборуваат шпански“, додава тој.

Луѓето што се надарени лингвисти честопати треба да направат избор преку здобивање со високо развиени вештини за помал број јазици или фокусирање на еден аспект, како оралниот јазик, додава тој.

За љубителот на јазиците, 32-годишниот Мет Витерс, кој зборува германски, португалски, луксембуршки, француски и велшки, тоа не е негова професија, туку фасцинација со јазикот и светот. Но наместо да се потпира само на книги, тој се пријавил и на серија курсеви.

„Кога живеев во Германија, живеев заедно со три Бразилци, така што одев на вечерни часови по португалски за да можам да разговарам со нив - беше интересно да научам португалски преку германски медиум. Изминативе неколку години живеам во Велс - делам канцеларија со луѓе чиј мајчин јазик е велшкиот, така што учам велшки“, вели тој.

Што им овозможува на хиперполиглотите да научат нов јазик со едноставно „притискање на копчето“?

Ерард вели дека е тешко да се објасни, но без оглед на биографските причини на поединецот, тој верува дека постои нешто поради кое хиперполиглотите се разликуваат невролошки.
 
„Тие имаат невролошки хардвер што реагира на светот, што се храни со светот и е приспособен на модел тежок за препознавање, тежок за меморијата, што не е структуриран и многу друштвен. Тие имаат способност лесно да се префрлат меѓу јазиците, а тоа вклучува когнитивни вештини што често се наследни“, вели тој.

Гилон вели дека не знае која е тајната за неговиот успех. Тој смета дека некои „блокови“ - германски, словенски, латински, се полесни за зборување, а јазикот станува интуитивен. Тој се согласува дека со учењето на третиот или четвртиот јазик полесно е да се асимилираат вокабуларот и граматиката.

„Етимологијата е спорт за мене. Уживам во потрагата по потеклото на зборовите и инвазијата одговорна за доведување на тој збор во нашиот речник. Ќе продолжам да бидам заинтригиран секој ден од мојот живот“, вели тој, но заклучува: „Не можам да го објаснам чувството - ако можев да го сместам во шише, без размислување би го продавал“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука