За време на пандемијата на коронавирусот и мерките за изолација, луѓето поретко се одлучуваат за брза храна и повеќе купуваат овошје и зеленчук, насочувајќи се на поздрав начин на исхрана, покажуваат прелиминарните резултати на истражувањето спроведено меѓу 11.000 купувачи од 11 земји.
- Со оглед на тоа што луѓето во последно време се принудени да останат дома, почнаа да пробуваат нови рецепти и се чини дека помалку фрлаат храна. Во изолација се хранат поздраво, оброците ги приготвуваат дома и повеќе консумираат овошје и зеленчук - вели Шарлот де Бакер, координатор на истражувањето спроведено од научниците од белгискиот Универзитет во Антверп.
Како што ги напуштиле канцелариите и почнале да готват дома, купувачите го намалиле купувањето на храна приготвувана во микробранова во сите испитани земји - Австралија, Белгија, Чиле, Уганда, Холандија, Франција, Австрија, Грција, Канада, Бразил и Ирска.
- Консумирањето грицки, порачката на храна од ресторани, порачката на оброк преку интернет и полуготовите оброци ги заменивме со готвење и приготвување храна дома - вели Фирене Азербејџан, кој живее и работи во Брисел, опишувајќи ги промените во неговото домаќинство во текот на пандемијата. - Изгубив четири килограми и горд сум на тоа.
Во речиси половина од испитаните земји анкетата покажа дека луѓето помалку купуваат солени грицки и благо, иако целокупната продажба на овие производи остана стабилна.
Фото: Pixabay
Консумирањето солени, мрсни и слатки намирници обично е во пораст кога луѓето се под стрес, но во време на пандемијата на коронавирусот оваа зголемена желба за одредени намирници во многу држави е заменета со домашни специјалитети, вели Де Бакер.
На пример, во Чиле бил забележан голем пад на продажбата на грицки, но и пораст во набавките на брашно и квасец. Потрошувачката на месо, риба и алкохолни пијалаци останала иста.
Истражувањето, базирано на доброволни онлајн-одговори, било спроведено меѓу 17 април и 7 мај, од кои 6.700 биле државјани на Белгија, ќе биде проширено на потрошувачи од плус 25 земји, а конечните резултати ќе бидат објавени до крајот на јуни.
Зголемена грижа за здравјето
Де Бакер вели дека прелиминарните резултати укажуваат на јасни нови трендови и смета дека е мала веројатноста тие во блиска иднина да се променат затоа што пандемијата го насочи вниманието на луѓето кон поздрав начин на исхрана.
Муриел Бернард, сопственичка на белгиската онлајн-продавница за органска храна „еФармц“, била принудена двојно да го зголеми бројот на вработени за да ја задоволи побарувачката на клиентите за свежи производи.
Во сите земји опфатени со анкетата за време на карантинскиот период потрошувачите купувале поголеми количества свежо, конзервирано или замрзнато овошје или зеленчук, а оваа промена може да се толкува како зголемена грижа за здравјето, вели Де Бекер.
За овој тренд веројатно придонел и фактот што луѓето морале внимателно да го испланираат времето поминато во супермаркети.
- Ако направите список за купување и однапред ги планирате оброците, помала е веројатноста да ставите нездрава храна во количката за пазарење - вели Де Бакер.
Фото: Pixabay
Пробување нови рецепти
Учесниците во анкетата, повеќето жени, одговориле дека во време на изолација пробувале нови рецепти, користејќи и остатоци од храна од претходниот ден, што го намалил и трендот на
фрлање на храна.
Ваквиот однос кон храната веројатно е поврзан со стравување од нејзин недостиг, вели Де Бакер и веројатно ќе исчезне откако полиците во супермаркетите повеќе нема да бидат празни.
Но, тврди дека некои навики за јадење веројатно ќе се задржат и кога ќе помине пандемијата. Во многу земји карантинот трае повеќе од шест недели, што е период потребен за потрошувачот да развие нови навики.
Исто така, луѓето стануваат посигурни во кујната, тестираат нови рецепти, што е една од клучните бариери за готвење дома.
Од друга страна, некои земјоделци се соочија со големи загуби. Затворањето на рестораните ја намали побарувачката за производи како печурки, зелка и микрозеленчук, според „Фрешфел Јуроп“, здружение кое го претставува европскиот сектор за свежи производи чиј годишен обрт се проценува на 200 милијарди евра.
Фото: Pixabay