X
 08.03.2018 Технологија

„Блекбери“ го тужи „Фејсбук“


„Блекбери“ мобилен телефон
(Фото: Getty images)


Ново продолжение на „војната за патентите“: „Блекбери“ поднесе тужба против „Фејсбук“ поради патент кој ги покрива функциите што ги користат практично сите паметни телефони.

Некогаш еден од великаните на индустријата за мобилни телефони е сопственик на широко портфолио од софтверски патенти кои покриваат некои од основните функции за размена на пораки во денешните смартфони.

Дел од тоа портфолио, по судски пат, употребиле за да побараат од „Фејсбук“ надоместок за користење, тврдејќи дека најголемата социјална мрежа во светот „ги употребила нивните иновации поврзани со безбедноста, корисничкиот интерфејс и други функции кои беа клучни за успехот на ’Блекбери‘“.

Освен „Фејсбук“, на обвинителна клупа се нашле и „Инстаграм“ и „Ватсап“. Наводно, тие се товарат за вкупно седум патенти, некои прилично општи и прилично застапени, кои се однесуваат на начинот на генерирање криптографски клуч, сликички со бројки како знак дека стигнала нова порака, означување на луѓето на фотографиите со автоматско завршување на текстот, начин на испраќање пораки...

Не е невообичаено една компанија што веќе не бележи успеси да се обиде да ја зајакне својата  финансиска слика на ваков начин. „Јаху“ исто така го тужеше „Фејсбук“ во 2012 година, а „Нокиа“ – „Епл“ во 2016. „Блекбери“ го почна својот поход по судовите во 2016 година, кога го тужеше малку познатиот производител на смартфони „Блу“, како и компанијата за интернет-телефонија „Авај“. Од „Блу“ се согласиле да платат надоместок минатата година, па сега „Блекбери“ се префрли на потенцијално поисплатлива „златна кокошка“ – „Фејсбук“.

Ако судот застане на страната на „Блекбери“, на мета можат да се најдат и други џинови – како „Епл“, „Гугл“... Судејќи по досегашната практика, судовите веројатно нема да наложат престанок на користење на спорните патенти, туку ќе одредат надоместок за штета доколку оценат дека навистина се случило кршење на правата на патентот. Акцентот е ставен на „ако“ затоа што американските судови во последните години покажаа скепса кон легалноста на софтверските патенти.

Се очекува „Фејсбук“ да возврати со контратужба, исто така базирана на патентите од сопственото портфолио, па ќе настојува спорот да го реши преку меѓусебно лиценцирање, како што направи и во случајот со „Јаху“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија