Зависноста од паметни телефони меѓу младите луѓе е голем проблем во Јужна Кореја. Во 2018 година една тамошна владина агенција утврди дека речиси една третина од децата во Јужна Кореја на возраст од 10 до 19 години се премногу зависни од нивните телефони.
За да го реши овој проблем, нацијата сега финансира „детокс-кампови“ каде што тинејџерите се откажуваат од своите телефони на 12 дена - некогаш доброволно, а некогаш на барање на нивните родители.
Премногу зависните малолетници идентификувани од страна на министерството за наука, информации и комуникациски технологии се соочуваат со сериозни последици, како резултат на нивната зависност. За многумина тоа значело намалување на оценките на училиште и пад на нивната самоконтрола.
Оваа година јужнокорејското министерство за родова еднаквост и фамилија одржало 16 детокс-кампови, а на секој од нив имало по 25 ученици што се бореле со зависност од интернет или од паметни телефони. Учесниците плаќаат само 84 долари за да се покријат трошоците за храната, а владата ги покрива другите трошоци - потег кој се смета за инвестиција за
иднината.
- Подоцна, кога овие адолесценти ќе пораснат и ќе им биде тешко да ги играат нивните социјални улоги, не само што тоа ќе значи штета на индивидуата, туку и ресурсите на нацијата ќе се трошат на нивна поддршка. Тоа ќе биде двојна загуба - истакнува Ким Сеонг-Биеок, претседател на одделот кој го надгледува кампот.