X
 10.03.2018 Наука

Слоновите не заболуваат од рак, а можеби конечно ќе дознаеме зошто

Истражувачи што ја испитуваа релативно запоставената некодирачка ДНК на цицачите открија повеќе индикации за извонредната способност на слоновите да го избегнат ракот и утврдија дека гените што се одговорни за намалување на штетата во клетките кај слоновите можат да се најдат и кај луѓето. Повеќето цицачи се склони кон добивање рак, но слоновите се отпорни и тоа е чудно. Тие не се целосно имуни, но споредено со луѓето, изненадувачки ретко заболуваат од рак, особено ако се земе предвид дека имаат 100 пати повеќе клетки од луѓето.


Фото: Pixabay

Ракот настапува кога една клетка мутира при делењето, па фактот дека ракот се развива кај  околу еден од 20 слона, споредено со еден од 5 луѓе, е многу интересен. Истражувачите со децении се обидуваа да сфатат зошто ова се случува, но пред само неколку години тим од истражувачи ја препиша оваа неверојатна особина на прекумерното присуство на генот наречен p53, кој го потиснува туморот. Африканските слонови имаат 40 копии од овој ген, додека луѓето имаат само една.

Но, сега тим од истражувачи од Универзитетот во Јута откри повеќе детали за тоа како се случува ова и не влијае само p53. Тие го проучија она што со децении беше познато како „ДНК-ѓубре“ - компоненти од ДНК кои не ги кодираат протеинските секвенции. Но, името не значи дека тие се бескорисни. Неодамнешните истражувања покажаа дека тие вршат други функции, како што е способноста да контролираат кога и каде се изразени гените.

- За некодирачката ДНК луѓето велеа дека е „ДНК-ѓубре“, но јас ја гледам како џунгла која не била истражена. Ние ги истражуваме некодирачките региони за да се обидеме да откриеме нови делови од геномот кои можеби контролираат различни болести - вели невробиологот Кристофер Грег од Универзитетот во Јута.

Тимот ги испитувал деловите од геномот на слонот кои се заеднички за сите ’рбетници, но побрзо еволуирале кај слоновите. Тие ги скенирале оние делови што помагаат во отпорот на мутацијата, а со тоа и на ракот. Откако ја изложиле ДНК на гама-радијација и набљудувале како одговара на штетата, истражувачите ги идентификувале овие гени кај ДНК на слоновите: FANCL, VRK2 и BCL11A. Овие гени се вклучени во репарирањето на ДНК кое штити од мутации.

Поради тоа што ’рбетниците имаат толку заеднички нешта поврзани со ДНК бидејќи еволуирале од заеднички предок, многу други цицачи исто така ги имаат овие гени. Човечката верзија не нè штити од рак на истиот начин на кој тоа се случува кај слоновите, но знаењето што се овие гени може да ни помогне да ја утврдиме нивната еволуција кај слоновите и да утврдиме дали можеме да предизвикаме слична промена и кај нашите гени.

Тимот проучувал и други животни: хибернирачкиот лилјак (за да ги проучи абнормалностите на екстремитетите), орка и делфин (за да го проучи развојот на очите и рожницата, како и адаптацијата на средини со висок притисок за да ги проучи нарушувањата на коагулација на крвта) итн. Идните истражувања ќе бидат потребни за да се утврди дали овие таканаречени „забрзани региони“ кај другите цицачи можат да бидат терапевтски применети за да се помогне во контролата на болестите кај луѓето.

- Зјапаме во непозната територија. Овој метод ни дава нов начин да го истражиме геномот и потенцијално да откриеме нови приоди за идентификување, дијагноза и лекување на болестите - истакна Грег.
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука