X
 21.03.2018 Технологија

Како започна скандалот со украдените податоци од „Фејсбук“?

Од „Фејсбук“ признаа дека „Кембриџ Аналитика“, компанијата поврзана со тимот за предизборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп, на непримерен начин ги користела огромните количини податоци на корисниците и на социјалната мрежа. Еве што треба да знаете за тој скандал.


Фото: tportal.hr

Што се случи?

„Фејсбук“ му дозволил на професорот по психологија од Универзитетот во Кембриџ, Александар Коган, да собира податоци за корисниците со помош на апликацијата „thisisyourdigitallife“. Апликацијата, која тогаш ги почитувала правилата на „Фејсбук“, била тест за личноста, но воедно собирала и податоци за локацијата, другите контакти и содржината која ја лајкнувале. Апликацијата ја користеле околу 270.000 луѓе. Коган ги прекршил правилата на „Фејсбук“ кога ги проследил податоците до компанијата „Кембриџ Аналитика“.

Кој ги користел податоците од „Фејсбук“?

„Кембриџ Аналитика“ е британска компанија, дел од групацијата СЦЛ, која повеќе од четврт век соработува со властите и војската. Компанијата се занимава со истражување на потрошувачите, целно огласување и слични услуги за политички и корпоративни клиенти. Податоците од корисниците на „Фејсбук“ ги користат илјадници компании и поединци, од „Фармвил“ и „Тиндер“ до политички советници. Еден од проблемите е и тоа што правилата на „Фејсбук“ овозможиле далеку поголема слобода при користењето.


Фото: tportal.hr

Што е проблемот?

Потпирајќи се на работата на психолозите Мичел Косински и Дејвид Стилвел, „Кембриџ Аналитика“ развила алатки со кои може да се одреди политичката наклоност преку следење на мрежите и целно таргетирање со огласи, но и со методи на информациска војна, како ширење гласини, дезинформации и лажни вести. Се чини дека тие биле користени во 200 избори ширум светот, во послабо развиени демократии, но и на американските и британските избори.

Како дознавме за сето ова?

Скандалот изби откако новинарите од „Гардијан“ и други британски медиуми, како и од американскиот „Њујорк Тајмс“, објавија податоци кои ги добиле од поранешниот сораборник на „Кембриџ Аналитика“ Кристофер Вајли. Медиумите исто така ги обвинија и шефот на „Кембриџ Аналитика“, Александар Никс и другите директори дека подмитувале новинари.

Зошто сето ова е важно?

„Фејсбук“ добива бројни критики поради руското влијание на претседателските избори во САД на кои победи Доналд Трамп. Поради тоа компанијата е принудена да воведе правила за потранспарентно политичко огласување. Оттаму ќе мораат да одговорат на непријатни прашања за податоците на корисниците и што другите компании прават со нив. Тоа би можело да има драстични последици по работата на „Фејсбук“ и законите во САД и Европа.

Што можеме да очекуваме?


Како што сега стојат работите, коосновачот и директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, би можел да биде повикан на сведочење пред американскиот Конгрес. Можно е да бидат заострени законите кои го регулираат собирањето, користењето и управувањето со корисничите податоци на интернет, и тос во момент додека големите технолошки компании се припремаат за построги правила за заштита на приватноста во Европа. А шефот за безбедност во „Фејсбук“, Алекс Стамос, би можел набрзо да ја напушти компанијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија