X
 26.12.2018 Технологија

„Фејсбук“ работи на сопствена криптовалута

„Фејсбук“ планира да влезе во крипто-бизнисот. Неименувани извори запознаени со проектот за „Блумберг“ истакнале дека гигантот работи на развој на систем за трансфер на пари за апликацијата „Вацап“, кој би користел стејблкоин - форма на криптовалута заснована на блокчејн која е врзана за одредена вредносна единица како американскиот долар.

„Вацап“ можеби не е изборот број еден во САД кога станува збор за апликација за допишување, но ужива голема популарност во другите делови од светот, вклучително и во Индија, каде што наводно живеат повеќе од 200 милиони од вкупно 1,5 милијарда корисници на апликацијата.

Многу мигранти дома праќаат пари со трансфер, вклучително и околу 70 милијарди долари кои само во 2017 година биле испратени во Индија. Сега изгледа дека „Фејсбук“ сака да земе дел од колачот користејќи ги криптовалутите.

Шпекулациите за можноста „Фејсбук“ да влезе во оваа сфера се појавија кога компанијата вработи луѓе во нов блокчејн-тим во мај годинава. Исто така, овој месец компанијата објави оглас за вработување пет лица во блокчејн-тимот.

Но, „Фејсбук“ избра предизвикувачки момент за подвигот. Стејблкоин-стартапот, „Бејсис“, мораше да стави крај на работата по само осум месеци во бизнисот со криптовалутите поради регулаторни пречки.

А тука е и комплицираниот однос меѓу компанијата и индиската влада, која неодамна го предупреди „Фејсбук“ дека „Вацап“ може да се обвини за бран криминал на банди.

На крајот, тука е и прашањето дали луѓето во Индија и нивната влада навистина имаат доволно доверба во платформата која е во сопственост на „Фејсбук“ и во стабилноста на криптовалутата за да испраќаат пари користејќи го новиот систем? Тоа останува да видиме.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија