X
 22.03.2018 Живот

Нов тренд во светот: „Опасни“ игралишта што ги развиваат детските способности


Детенце на игралиште
(Фото: Pixabay)


По децении поминати во колективно настојување опасностите за децата да се сведат на минимум, педагозите во Велика Британија сега се обидуваат токму тие да им ги обезбедат на децата, пишува „Њујорк тајмс“.

Основното училиште „Ричмонд авенија“ е еден од типичните примери за тоа. Неодамна управата на училиштето ги исфрли од употреба пластичните куќички за играње и ги замени со купишта штици, гајби и тули. Училишниот двор доби и каллива бара, нишалка од автомобилска гума, трупци и работни маси со чекани и пили.

„Размислувавме како да го внесеме елементот на ризик во секојдневното опкружување“, вели Лиза Морис, која во училиштето ја води предучилишната програма. „Имавме базен со песок и помисливме – што би можело да го направи уште попредизвикувачки? Сега имаме и оган, користиме ножеви, пили, разни алати“, се разбира, под надзор од возрасни. Училниците се полни со ножички и секачи за селотејп, а децата се повредуваат еднаш, и не ја повторуваат грешката.

Пред влезот на игралиштето „Принцеза Дијана“ во Лондон стои табла која ги известува посетителите дека опасностите се намерно вклучени за детето да може да го развие уживањето во ризиците во контролирано опкружување за игра, наместо слични ризици да презема во надворешниот, неконтролиран свет.

„Инспекторите ќе се плашат од секој ризик доколку не ги обучиме да водат сметка за рамнотежата меѓу благосостојбата и ризикот, и велат дека е во ред ако децата можат да паднат или да налетаат на нешто. Тоа не е исто како да му се дозволи на двегодишно дете да оди по стрмнина.“

Австралија, Канада и Шведска исто така се посветени на воведување ризик во детската игра, за разлика од досегашната филозофија на нулта толеранција. Децениите на презаштитување конечно „заоѓаат“, сметаат стручните лица. Сè почнало во доцните 70-ти кога предупредувањата за опасностите од повредување и од предатори почнале да го менуваат начинот на кој размислувале стручните лица и родителите. Во Британија, процентот на ученици што сами одат на училиште опаднал од 85 на 25 проценти.

Игралиштата исто така се промениле – нишалките без граничници и металните вртелешки исчезнале и биле заменети со гумена подлога која ги ублажувала ударите, зголемувајќи ги трошоците за изградба на игралишта. Се појавил и пазар за лабораториски тестирани карпи од фиберглас. Последицата од тоа била стерилизација на играта, вели Меган Тараловски, пејзажен архитект од САД. „Гумената подлога и движните предмети (мобилијари) опкружени со ограда се како мал затвор за играње. Возрасните истовремено седат и гледаат во своите телефони, чекајќи децата да завршат со играње.“

Таларовски била вчудовидена колку британските игралишта се попредизвикувачки во споредба со американските. Користејќи алатки за следење и анализа, таа го следела однесувањето на 18.000 посетители на лондонските игралишта и ги споредувала податоците со оние од американските паркови. Таа утврдила дека типот на мобилијари имал големо влијание – британските игралишта имале 55% повеќе посетители, а децата биле поактивни за 16-18%. Најмногу време се задржувале на песокот, тревата, високите нишалки и искачувалки, кои во САД се избегнуваат поради опасност од паѓање и повреди.

„Сè е во истражувањето на контролираните ризици кои мошне внимателно ги осмисливме“, вели Крис Морен, менаџер на паркот „Кралицата Елизабета“. „Имаме грмушки-штипалки кои се прилично боцкави. Децата ќе ги пипнат и ќе сфатат дека тие бодат.“

Овој парк има 6 метри високи кули и куќички на дрво од рачно испреплетени гранки од врба, што значи дека нема фабрика која би понела одговорност при повреда. На игралиштето расте висока трева која го отежнува надзорот врз децата. Постојат површини под песок, кои можат да содржат животински измет или остри предмети, како и купишта штици кои исто така не се предмет на одговорност на некој производител.

„Досега во паркот имаше само неколку помали повреди“, вели Морен.

Во Британија движењето за поопасна игра стигна и до најгласните застапници на безбедноста. Еден од „учебниците“ на движењето е книгата на Том Гил: „Без страв: Растење во општество што ги избегнува ризиците“. Причините за поголемата заштита на децата авторот ги гледа во инерцијата на бирократијата и мерките на штедење. Иако многу се ретки трагедиите на игралиштата, па дури и статистички се занемарливи, по секој непосакуван случај следува бран од затворање на игралиштата заради подигнување на нивото на безбедност. „Како општество, тешко ни е да кажеме дека го прифаќаме ризикот од смрт, кој изнесува 1 на 60 милиони“, вели Дејвид Јирли од Кралското здружение за спречување несреќи.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот