X
 10.06.2019 Здравје

Колку се опасни засладените и газираните пијалаци?

Пиењето само еден засладен пијалак дневно го зголемува ризикот од смрт поради срцеви заболувања или дури и рак, покажуваат истражувањата.

Студија на „Харвард“ открива дека само една до две лименки газиран пијалак, сок или енергетски пијалак, на ден, ги зголемува шансите за умирање од срце и до 30 отсто.

Исто така, истата количина го зголемува ризикот од прерана смрт независно од причината (вклучително и рак) за повеќе од една петтина. Замената на засладениот пијалак со диететски го намалува ризикот, но тој повторно се зголемува доколку пиете повеќе од 4 лименки диететски пијалак дневно.

- Новите резултати докажуваат дека газираните и засладените пијалаци треба да се заменат со други, по можност со вода, за да се подобри здравјето и да се продолжи животот - истакнува водачот на истражувањето, Васанти Малик.

За да утврдат колку газираните пијалаци влијаат врз ризикот од смрт, истражувачите анализирале 80.647 жени и 37.716 мажи. Сите учесници биле испитувани за здравјето и животните навики на секои две години. Резултатите покажале дека кај оние што пијат две или повеќе лименки дневно има 31 отсто поголеми изгледи за срцеви заболувања во споредба со оние што пијат газирано помалку од еднаш месечно.

Важно е да се истакне и дека секоја дополнителна лименка на ден го зголемува ризикот за уште 10%. Покрај срцеви заболувања, газираните пијалаци го зголемуваат и ризикот од прерана смрт поради која било причина за 21 отсто. Иако е мала, сепак постои врска меѓу пиењето засладени пијалаци и канцерогените заболувања.

Дури и пред ова истражување постоеше силен доказ за тоа дека засладените и газираните пијалаци го зголемуваат ризикот од дијабетес тип 2.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје