X
 26.03.2018 Наука

Дали на мегафауната на Земјата ѝ се заканува исчезнување?


Лав
(Фото: Pixabay)


Големите мачки, мечките, волците, бизоните, носорозите, слоновите, жирафите, приматите... Знаете ли колку видови големи копнени животни постојат на светот?

Според општоприфатената дефиниција, копнената мегафауна вклучува месојадни животни кои имаат над 15 килограми тежина и тревопасни животни над 100 килограми тежина.

Одговорот на претходно поставеното прашање гласи – 101 вид.

Но тој број наскоро ќе стане двоцифрен и би можел да почне да опаѓа со алармантна брзина, предупредуваат биолозите.

Три петтини од тие прекрасни животни веќе се наоѓаат на списокот на загрозени видови, кој го составува Меѓународниот сојуз за зачувување на природата.

Што е уште полошо, повеќе десетици видови мегафауна се наоѓаат во статус кој може да се спореди со интензивна нега. Тие се означени како „критично загрозени“, или „изумреле во природа“.

„Научниците што се занимаваат со заштита на природата наскоро ќе бидат ангажирани да пишуваат некролози за видови и подвидови од мегафауната затоа што исчезнуваат од нашата планета“, истакнува Бил Рајпл, професор од  Државниот универзитет во Орегон и главен автор на отвореното писмо што беше објавено во декември под наслов „Предупредување од светските научници до човештвото“, кое го потпишале 15 илјади негови колеги.

Минатата недела во кениската зоолошка градина почина Судан, последниот мажјак од видот северен бел носорог. Во времето на неговото раѓање, пред 45 години, во дивината имало најмалку 700 примероци од неговиот подвид.

Конзервациските биолози некогаш во своите настапи биле внимателни, но денес веќе не избираат зборови.

Синдром на „тивка савана“

Сахарската антилопа адакс речиси е осудена на изумирање. Источниот горила, кој исто така се лови заради месото, „е на еден чекор од исчезнување“, како и исклучително мирните и интелигентни орангутани од Борнео и Суматра.

Значително се намалуваат и популациите на харизматичните видови мегафауна кои се доволно бројни за секоја година да привлечат милиони туристи во Африка.

Во текот на минатиот век бројноста на лавовите, носорозите и гепардите опаднала за речиси 90 проценти.

Популацијата на некогаш сеприсутните жирафи во само три десетлетија паднала до ниво на „ранливост“, а се прогнозира дека и третина од поларните мечки ќе исчезнат до средината од овој век.

„Соочени сме со многу реална можност тие џинови на природата да исчезнат во текот на нашите животи, пред нашите очи“, предупредува директорката на ИУЦН, Ингер Андерсен.

Не охрабрува ниту поширокиот контекст.

Научниците се согласуваат дека Земјата влегла во нова ера на „масовно изумирање“, во која различни видови од сите големини и облици исчезнуваат стопати побрзо од „нормалната“ стапка.

Последното масовно изумирање, петто по ред во половина милијарда години, се случило пред 65 милиони години кога астероид ја погодил Земјата и ги „збришал“ диносаурусите.

Постојат многу причини за исчезнувањето на мегафауната, како губењето на просторот за живеење, криволовството, конфликтот меѓу човекот и предаторите околу производите, па дури и климатските промени, како што е случајот со исчезнувањето на поларните мечки.

Заедничкиот именител на сите тие фактори е неиздржливата експанзија на човештвото.

„Најголема закана за дивите животни во Африка е фактот што ги користиме за храна додека не изумрат“, порачува Пол Фанстон, директор на „Пантера“, светска организација што се занимава со зачувување на дивите мачки.

Тој додава дека сето ова придонело на некои подрачја да се забележи појава која заштитувачите на природата ја именуваат како „синдром на тивка савана“.

„Постојат многу заштитени подрачја што изгледаат целосно недопрени – шуми, птици, пчели, сè е таму“, истакна тој за „АФП“.

„Но недостигаат големите цицачи, затоа што веќе се изедени.“

Инвестиции во национални паркови

Се проценува дека населението во Африка до 2100 година ќе се зголеми четирикратно, од една на 4 милијарди жители, порачува Фанстон.

Заштитниците на средината по природа се оптимисти бидејќи ако не гледаат светло на крајот од тунелот, сите нивни акции би биле бесмислени. Во некои региони тие навистина успеале да спасат некои видови што биле на работ на исчезнување.

Но мора да бидат и реални, предупредува Мајкл Најт, водач на специјалистичката група на ИУЦН за африканскиот носорог и научник од Центарот за африканска конзервациска екологија од јужноафриканскиот град Порт Елизабет.

„Африка веќе не е фантазија со отворени пејзажи и диви животни што трчаат наоколу“, истакнува Најт. „Ќе мора да се соочиме со реалноста дека некои подрачја веќе никогаш нема да бидат целосни екосистеми.“

За педесет години, „предизвиците ќе бидат десет, а можеби и педесет пати потешки“, заклучува Најт.

Фанстон смета дека за посветла иднина, клучни се стратегиските инвестиции во национални паркови. Студиите докажале директна корелација меѓу доларите инвестирани по квадратен метар со стапката на преживување на одредени видови.

„Речиси сме подготвени за тријажа“, истакна тој. „За лавовите таа е готова – идентификувавме 14 клучни пејзажи каде што треба да се вложат пари за зачувување.“

„Тоа се однесува на целата мегафауна. Итно мораме да го напуштиме нашиот пристап кој се темели на поединечни видови“, заклучува Фанстон. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука