X
 29.03.2019 Наука

Јаболкниците мистериозно умираат во САД, а научниците не знаат зошто

Почнува на една гранка. Ливчињата растат мали и почнуваат да се виткаат, добиваат бледожолта или црвеникава боја. За неколку недели уште една јаболкница е мртва.

Но, тоа не е крајот. Кај околните дрвја во овоштарникот често почнува да се појавува истото. Повторно, симптомите може да почнат на само една гранка. И не завршуваат таму.

Оваа чудна неволја е наречена брзо опаѓање на јаболкниците или неочекувано опаѓање на јаболкниците (RAD: rapid apple decline или SAD: sudden apple decline).

Додека слични феномени што ги погодувале јаболкниците биле забележани во САД и на други места уште во 80-тите години, најнеодамнешната и најсериозна епидемија на инфекцијата (ако е тоа) првин била забележана во 2013 година.

Тогаш фитопатологот Кари Питер од Државниот универзитет во Пенсилванија наишла на нешто невообичаено во еден нејзин овоштарник што предизвикувало масовно изумирање на дрвјата.

Научниците употребиле разни хемикалии во обид да го сопрат ширењето на што и да е она што ги убива дрвјата, но ништо не функционирало и симптомите не се совпаѓале со ниеден познат патоген што ги погаѓа дрвјата.

Потоа истото нешто се појавило и во други овоштарници во Пенсилванија. Оттогаш РАД се појавува во области каде што се одгледуваат јаболка во централна, североисточна и северозападна Америка, како и во Канада.

Наводно, до 80 отсто од овоштарниците во Северна Каролина може да покажат симптоми на смртоносната болест.

- Редови дрвја колабираат и тоа изгледа како да нема причина - истакнува Питер.

Она што го прави проблемот голем е тоа што изгледа дека не е поврзан со ниеден фактор. Некогаш состојбата се проширува од едно дрво на соседните, но тоа не се случува секогаш. Некогаш дрвјата изгледаат како да имаат смртоносни симптоми, но излегува дека се во ред.

Според Питер, за да се докаже потенцијалниот капацитет на патогенот за предизвикување болести, треба да има дрвја само со вирусот и да се види дали ги имаат симптомите.

Во труд објавен овој месец, кој можеби е најдеталната студија досега што ги испитува потенцијалните вклучени фактори, фитопатологот Аваис Кан од Универзитет „Корнел“ предводел тим кој ја истражувал хранливоста на почвата и дали условите во овоштарниците се погодени од РАД. На крајот било утврдено само дека временските стресови и ограничениот пристап до вода во овоштарниците можеби хипотетички ги прават дрвјата поподложни на... нешто.

 - Не најдовме некои статистички значајни разлики во почвата и временските профили на дрвјата кои изгледаат здраво и опаднатите. Слично, нема одредени габи и вируси што се поврзани со симптоматичните дрвја - заклучија авторите.

Кан вели дека се потребни пошироки и подлабоки студии за РАД и за она што би можело да го предизвикува.

Друга студија од минатата година идентификува четири вируси кои се поврзани со синдромот, иако Кан и неговиот тим во овој момент тврдат дека овие вируси не се причински фактори.

Други сугерираат дека инсектите можеби ги разболуваат дрвјата, но и тоа не е потврдено.

Со оглед на тоа дека јаболката се најконсумираното овошје во САД, научниците брзаат што побрзо да ја решат оваа мистерија.

- Можеби е покомплицирано од патоген или инсект. Се надевам дека грешам, но мислам дека ќе имаме уште еден бран - истакна Питер.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука