X
 05.04.2018 Наука

Точка во Пацификот – гробница на вселенските отпадоци


Бранови во Пацификот
(Фото: Pixabay)

Кинеската вселенска станица „Тијангонг-1“ пред неколку дена падна во Пацификот. Случајно или не, падна недалеку од најголемата гробница на вселенски бродови, станици и сателити на нашата планета, места на кои вселенските агенции на сите земји на контролиран начин ги наведувале да се срушат леталата или сателитите што го окончале својот животен век.

Станува збор за Точката Немо, дел од океанот до кој не може да се стигне, област што се наоѓа во центарот на Јужниот Пацифик, најоддалечено од копното и од луѓето од кое било друго место на Земјата. Точката Немо се наоѓа точно помеѓу Австралија, Јужна Америка и Антарктикот. Од Точката Немо до најблиското копно има 2.700 километри, а тоа се островите Питкерн на северот, Велигденските Острови на запад и Антарктикот на југот.

Ни бродови, а ни авиони не поминуваат над овие области и не постои апсолутно ништо друго освен океанот. И токму поради тоа што местото е толку оддалечено од цивилизацијата и сообраќајот, избрано е како најдобро за да биде гробница на вселенските летала и сателити, без страв дека некој неконтролиран пад на летало би можел да повреди некого или да предизвика штета.

Точно четири километри под површината на океанот се наоѓа најголемата гробница на вселенски летала и сателити уште од 1971 година. Во последните 48 години над 300 летала и сателити на ова место го окончале својот живот.

Најмногу „жители“ на Точката Немо, поточно 200 објекти, ѝ припаѓаат на Русија. Најтешко летало што паднало на ова место во 2001 година исто така е од руско производство, а се работи за вселенската станица на МИР, тешка 140 тони.

Токму тука е планирано својот век да го заврши и Меѓународната вселенска станица (ISS)  по 2024 година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука