X
 18.01.2024 Наука

Научниците имаат објаснување за појавата на мистериозните кратери во Сибир

Мистериозните кратери во далечните краеви на Сибир, откриени во 2012 година, ги збунуваат научниците поради нивниот изглед и природа.

Овие кратери, длабоки над 50 метри и широки 20 метри, се концентрирани на западносибирските полуострови Јамал и Гидан, на северот на Русија. Нова теорија предложена од Хелге Хелеванг, професор по еколошки геонауки на Универзитетот во Осло, посочува дека врелиот природен гас од подземните резерви може да биде причина за овие кратери.

Сибирскиот регион е познат по огромните наоѓалишта на природен гас, а Хелеванг верува дека кога климатските промени или затоплувањето на атмосферата ослабуваат дел од трајниот мраз, тогаш се појавуваат овие кратери во Сибир. Претходно научниците ги припишуваа кратерите на метанот ослободен за време на топењето на мразот. Сепак, локализираниот феномен остана необјаснет.

Тимот на Хелеванг предлага нов механизам: врелиот природен гас, кој продира низ геолошките дефекти, се акумулира под замрзнатата земја, ослабувајќи го трајниот мраз долу. Експлозија може да се случи само ако трајниот мраз е тенок и доволно слаб за да пукне, објаснува Хелеванг. Зголемените температури го топат горниот слој на вечниот мраз, создавајќи услови за нагло ослободување на гас, што доведува до експлозија или механички колапс на почвата.

Областа на Западен Сибир е богата со резерви на природен гас, што ја потврдува теоријата на Хелеванг. Научниците шпекулираат дека повеќе кратери можеби се формирале и исчезнале со текот на времето, бидејќи блиската вода и почва ги исполниле дупките во земјата.

Иако е интригантна, теоријата на Хелеванг допрва треба да биде подложена на рецензија и потребни се дополнителни докази кои би го потврдиле постоењето на резерви на гас под трајниот мраз. Доколку се докаже дека е точно, ова откритие би можело да има импликации за климатските модели. Кратерите би можеле да дејствуваат како спроводници за брзо ослободување на метан во атмосферата.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука