X
 18.02.2019 Наша тема

Ректоре, вие сте еден од тие што можат да го запрат иселувањето на младите лекари од Македонија

Ни рековте дека е штета да си заминуваме. Нè советувавте во август да дојдеме на разговор кај Вас. Дојдовме, нè сретнавте во ходник, рековте да оставиме број кај Вашата секретарка за да се јавите. Нормално (не знам зошто ова нормално е толку очекувано), не се јавивте, раскажува младиот лекар д-р Александар Јовановски од Кратово, кој дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје како најдобар студент во својата генерација

„Пред четири години се сретнавме на аеродромот во Рим. Јас и еден колега (исто така одличен студент, сега иселен во Словенија) се враќавме во Скопје. Требаше да ја примам наградата за најдобар студент од Македонското лекарско друштво, која лично Вие ми ја врачивте. Ни рековте дека е штета да си заминуваме. Нè советувавте во август да дојдеме на разговор кај Вас. Дојдовме, нè сретнавте во ходник, рековте да оставиме број кај Вашата секретарка за да се јавите. Нормално (не знам зошто ова нормално е толку очекувано), не се јавивте. Да сумирам. Вие од позиција на професор, потоа декан, а сега и ректор директно сте вклучени во процес кој делумно можете да го запрете бидејќи раководите со највисоката универзитетска установа во државата, која има име и презиме, историја и одговорност кон уката и науката во нашата земја! Поздрав од Торино!“


Д-р Александар Јовановски

Оваа анегдота неодамна ја раскажа младиот лекар д-р Александар Јовановски од Кратово. Повод за неговата реакција преку која лично му се обрати на проф. Никола Јанкуловски, ректор на најголемиот универзитет во Македонија „Св. Кирил и Методиј“, беше неодамнешната прес-конференција на која ректорот нагласи дека државата издвојува минорен буџет за наука, а тоа е една од причините што младите надежни кадри се иселуваат од земјата.

Ова е приказната на д-р Александар Јовановски, кој дипломирал на Медицински факултет во Скопје во 2014 година како најдобар студент во својата генерација. Во моментот е на докторски студии на Програмата за експериментална медицина и терапија, на Универзитетот во Торино, Италија.

Кога решивте дека медицината ќе биде професијата на која професионално ќе ѝ се посветите?

- Искрено, во сеќавањето воопшто и немам моменти кога не сум посакувал медицината да биде професијата со која сакам да се занимавам. Уште од најрана возраст тоа беше мојата единствена желба. Водејќи се од неа, во учебната 2007/2008 година матурирав во средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип. Во тоа време, а верувам и сега, училиштето доста селективно и строго ги рангираше учениците што конкурирале за упис. Задоволен сум каков профил на матуранти и идни здравствени работници излеговме оттаму. По матурирањето немав никакви сомнежи што сакам да бидам во животот.

Се запишавте на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје. Како поминаа студиите, сè до пред четири години кога Македонското лекарско друштво Ви ја додели наградата за најдобар студент?

- Студиите ги почнав есента 2008 година, со голема амбиција и желба. Тие шест се моите најплодни години, од аспект на себеспознавање и себеразвивање. Студирањето медицина не бара само многу остроумност и широк дијапазон во кој треба да осцилира умот на студентот интелектуално. Од аспект на карактерни особини, бара и голема одговорност, посветеност, некогаш дури и дрска арогантност кон предизвиците, борба со многу лични искушенија. На крајот на студиите, бев прогласен за најдобар студент во мојата генерација и по тој повод добив четири награди - од фондацијата „Трајче Мукаетов“, од Македонското лекарско друштво, од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и од фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“. Иако ваквите признанија ласкаат, ги земав со голема резерва бидејќи суперлативот „најдобар“ секогаш создава доза на супериорност и звучи многу апсолутно, а воопшто не е така. Во мојата генерација имав колеги што беа одлични студенти, а не се сомневам и во нивните квалитети како лекари. Покрај нив никако не би можел да се наречам себеси најдобар.



Каде ја продолживте кариерата?

- Кон крајот на студиите аплицирав на конкурсот за ЕРВЕБ (Erasmus Western Balkan), кој нудеше научноистражувачки стипендии на студенти и дипломирани млади лекари од земјите од Западен Балкан. Прво добив стипендија за 9-месечен научноистражувачки престој на тековниот проект за колон канцер во онколошката лабораторија на Универзитетот во Торино. За неколку месеци аплицирав повторно на повикот за мастер-студии од областа на епидемиологија и јавно здравје, исто така во Торино. Ги завршив мастер-студиите и во јануари 2017 година се вратив во родното Кратово да работам во ординацијата на д-р Даниела Николовска - амбициозна и одлична млада докторка која одлучила да остане во својот роден град и успешно самостојно ја развива својата ординација веќе десетина години. Требаше да замине на породилно отсуство. Бевме однапред договорени и веднаш почнав со работа. Токму тоа работно искуство, дома, меѓу своите сограѓани, ми беше најголемиот предизвик и моето најдраго досегашно искуство. Знаете како велат, ако се докажете дома, ќе може да се докажете секаде. Пристапив со голема сериозност бидејќи д-р Николовска со својата претходна работа и стручност имаше воспоставено високи критериуми кои требаше да се достигнат и да се одржат.

Зошто не останавте во Македонија? Во време кога нашата земја се соочува со недостиг од лекари, му понуди ли некој работа на најдобриот студент по медицина?

- Е, тука веќе стигнуваме до иронијата која се нарекува живот на млад лекар во Македонија - една од ретките земји (ако не се лажам од претходната година и единствена во регионот) која има таканаречени приватни специјализации. Прво, такво нешто е смешно да постои. Второ, кога веќе постои, смешно е лекар кој „аргатува“ и припаѓа на група чија цел е да унапреди нечие здравје да не добива плата за својот труд и да нема здравствено осигурување. Таков индолентен однос на здравствениот систем кон своите идни наследници е паралела на лекарска негрижа во реалната лекарска пракса. Значи здравствениот систем сам ги „убива“ своите деца. Едни од причините зошто не останав во Македонија (нормално, откако ништо не ми беше понудено) се токму овие приватни специјализации. Претходната година аплицирав на конкурсот за приватни специјализации и добив специјализација по кардиологија, но откако се информирав дека повторно нема да бидат платени, ниту почнав со специјализација ниту го уплатив првиот семестар. Тотален апсурд е дипломиран лекар, веќе готов кадар, повторно да влегува во условно речено нов студентски живот и да бара пари за издржување од дома. Тогаш сфатив дека многу се мали шансите да се остварам професионално во Македонија.

Има многу колеги што можат повеќе да кажат за овие искуства, каква е сега состојбата со специјализациите, дали и колкава плата земаат.

Друг проблем со кој се соочуваат младите лекари, а потекнува од самата лекарска фела, е некоректниот однос на постарите колеги, сопственици на ординации по општа медицина кои имаат потреба да вработат лекар. Познавам лекари кои добиваат плата од 13.000 денари, а остатокот им е даден на рака за да не им се плаќаат повисоки придонеси. Ова е класична сива економија која се случува бидејќи со закон не е дефинирана минимална плата за лекарите и нема мерки со кои Министерството би нè заштитило. Така има простор за манипулација.

Преку лична анегдота јавно повикавте дека ректорите, деканите, директорите на институциите во Македонија можат да помогнат да се спречи иселувањето на младиот надежен кадар од земјава. Како?

- Да, мојот пост беше реакција на изјавата од ректорот на УКИМ, проф. Никола Јанкуловски, во врска со слабата поддршка на науката во земјата. Некогаш еден од подобрите универзитети на Балканот, сега УКИМ се наоѓа на дното, што навистина е штета бидејќи УКИМ е едукативниот pars pro toto на нашата земја. Проблемот е што ова не е вака од вчера. До ова дереџе сме дојдени како резултат на низа лоши или воопшто несоздадени стратегии за уредување на образовниот систем, години и години наназад.

Живееме во лошо време, во општество кое во сите сфери е поларизирано и политизирано. Многу е тешко да се формираш како профил, не само од областа на медицината. Најголемата одговорност ја имаат раководителите на институциите чија задача е да го негуваат и унапредуваат интелектот на една нација. Пред сè универзитетските ректори, декани, професори. Тие како пастири треба да застанат и со нас, студентите и академијата, за да ги заштитат овие вредности. Тие треба политиката да ја чуваат надвор од своите катедри, и многу внимателно да се трудат да го извлечат кадарот кој го произведуваат од аморфноста на општествените проблеми. Така би создале совесна, добро едуцирана, критична младина, која има моќ да ја преземе водечката палка во иднина. Имаат сериозна задача пред себе. Степенот на професионална подготвеност на младината на една држава е нејзиниот именител за идна прогресија.

Младите не заминуваат само затоа што се тешки времињата. Заминуваат бидејќи не гледаат трошка надеж дека работите може да се променат ако останат и се борат. Не постои верба дека системот е на наша страна и дека работите може да тргнат кон подобро. Дел од моите колеги се веќе заминати во странство, а дел се во подготовка... Јас иако не сум дома во моментот, не зборувам од позиција на комодитет. Одлуката да се замине од сопствената држава не е ни малку лесна. Тоа најдобро го знаат оние што го поминуваат или го поминале сличниот пат. Тоа не значи дека кадарот кој има амбиција да остане во Македонија е помалку вреден. Напротив, одлуката да останеш во Македонија носи други неочекувани предизвици и проблеми со кои треба да се влезе во костец. Дел од нив веќе ги споменав.

Да не го анализирам целокупниот здравствен систем, има луѓе што подобро ги знаат тие работи. Но, навистина е многу тешко да се биде лекар во Македонија, без разлика за кое ниво на здравствена заштита се работи. Пред сè, мора да се доведе во ред базата, дното на пирамидата. Не мора да ги имаме веднаш најсовремените апарати за компјутерска томографија, нека бидат и поконвенционални, но да бидат достапни и ефикасни. Медицината во светот е ултрамодернизирана, но ние мораме да бидеме реални, бидејќи проблемите на нашиот народ се егзистенцијални. Ние немаме доволно квота за лековите, а често и пари за да можат луѓето да си ја набават редовната терапија.

На што работите во моментот? Кои се Вашите научни предизвици?

- Од октомври минатата година сум докторанд на Универзитетот во Торино, на Програмата за експериментална медицина и терапија. Во моментот работам на Одделот за хематологија, во лабораторијата за миелопролиферативни заболувања. 21 век е период на огромни научни достигнувања и технолошки напредоци. Во медицината тоа значи имплементација на многу софистицирани дијагностички и терапевтски процедури во секојдневната клиничка пракса. Сè повеќе се потенцира тој мултидисциплинарен пристап. За мене лично најголем научен предизвик во иднина би ми било полето на фармакогенетиката.

Професионално, кој е Вашиот сон? Каде се гледате себеси за десетина години?

- Си забележувам што и по четири години од дипломирањето сè уште не сум решил дали сакам да се занимавам доминантно со базична, истражувачка медицина или со клиничка медицина. И двете имаат свои предности. Научната медицина е повозбудлива во однос на задоволување на љубопитноста, а клиничката работа носи повеќе благородност на духот. На крајот на краиштата, сè зависи од тоа како ќе се подредат работите. За десет години посакувам да бидам човек кој секојдневно успешно ќе ги завршува своите обврски. Верувам дека успехот би дошол сам од себе.

Што би им порачале на сите млади лекари, студенти во Македонија?

- Да бидат свои, да развиваат индивидуален пристап на учење и согледување на работите, да не се движат по веќе поставени шеми и скици, да не робуваат на авторитети и да се сомневаат во секоја информација што ќе ја добијат. Да се трудат секојдневно да бидат најдобрата и најпродуктивна форма од себе, тоа е првиот чекор кон менување на општеството на подобро.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема