X
 20.10.2017 Живот

ЕУ ги менува правилата за патување!

Државјаните на земјите од Западен Балкан во иднина ќе мораат да побараат одобрување за патување во „шенгенскиот простор“ од надлежните служби на ЕУ, иако и натаму ќе бидат ослободени од барање виза, се наведува во предлогот на Европската комисија за воспоставување нов систем за одобрување на патувања.


Фото: Pixabay


Во предлогот се наведува дека одобренијата ќе се бараат со пополнување на електронски формулар, а одговорот од ЕУ ќе стигнува во рок од максимум 72 часа, но на лицата за кои ќе се утврди дека претставуваат опасност по безбедноста на ЕУ, ќе им биде одбиена дозволата за патување.

Овој предлог денес го одобри Комисијата за граѓански слободи на Европскиот парламент –ЛИБЕ, а откако прелогот ќе биде усвоен од страна на сите надлежни тела, ќе биде проследен на усвојување пред Советот на министри на ЕУ, изјави за агенцијата Бета еден функционер-член на ЛИБЕ.

Граѓаните на земјите од Западен Балкан како и од други земји на кои не им се потребни визи за влегување во „шенгенскиот простор“ на ЕУ без внатрешни граници, како што стои во предлогот, ќе мораат претходно за услугата на проверка на нивниот статус да платат 10 ева, но тој трошок ќе покрива период за патување од три години, односно додека трае важноста на пасошот.

Од плаќањето на оваа давачка ќе бидат ослободени лицата помлади од 18 и постари од 60 години, членови на семејства на државјани на ЕУ, како и студенти и научни работници.

Претставникот за медиуми на ЛИБЕ, Естефанија Нарилјос, истакна дека целата постапка во Европскиот парламент би требало да заврши до крајот на оваа година, а потоа за Европскиот систем за информирање за патувања и нивно одобрување (ЕТИАС) како што се нарекува овој механизам, конечна одлука ќе донесе Советот на министри на ЕУ.

„Но, постапката е сложена и системот би можел да влезе во сила за најмалку две години, најверојатно на почетокот на 2020 година“.

Граѓаните кои ќе аплицираат за одобрување за патување во ЕУ, во формуларот освен личните податоци за пасошот, ќе мора да наведат и адреса на престојот во ЕУ, како и контакт од земјата каде што ќе престојуваат. Исто така, „ќе мораат да ги известат и властите во ЕУ дали претходно биле осудувани за сериозни криминални прекршоци (тероризам, сексуално искористување деца, трговија со луѓе и човечки органи, дрога, убиства и силување) како и за престој во специфична зона на конфликти или причината за напуштање на некоја земја, сето тоа за последните десет години“.

Во образложението на предлогот за ЕТИАС се наведува дека овој систем ќе овозможи рана проверка на патниците на кои не им е потребна виза и на оние за кои ќе се установи дека претставуваат опасност по безбедноста на ЕУ, илегална имиграција или закана од епидемиски болести, одобрението ќе им биде ускратено.

Известителот на комисијата ЛИБЕ, пратеничката Кинга Гал, оценува дека ЕТИАС ќе биде механизам кој значително ќе ја подобри безбедноста во ЕУ, бидејќи нуди зајакнат и поефикасен систем на заштита на границите. Европската комисија даде до знаење дека сега постојат 60 земји чии граѓани немаат потреба од виза за влез во ЕУ, а се очекува дека до 2020 година, европските граници ќе ги поминат 39 милиони странци.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот