Канцерогените клетки растат и се шират криејќи се од имунолошкиот систем на телото. Имунотерапијата му овозможува на имунолошкиот систем да ги пронајде и нападне скриените клетки на ракот, помагајќи им на пациентите со рак да живеат подолго. Сепак, многу пациенти добиваат мала или никаква корист од овие револуционерни третмани.
Инхибиторите на имунолошкиот контролен пункт се најкористените имунотерапии. Тие работат со препознавање и блокирање на протеините што клетките на ракот ги користат за да се сокријат од имунолошкиот систем. Сепак, канцерогените клетки кои ги немаат овие протеини користат различни начини да се сокријат. Бидејќи пациентите со овие видови рак не реагираат на инхибитори на имунолошкиот контролен пункт, истражувачите сакаат да развијат нови имунотерапии со различни цели.
Во студија објавена во списанието „Журнал за имунотерапија за лекување канцер“, истражувачите од Универзитетот во Осака откриле дека тетрациклинските антибиотици му помагаат на имунолошкиот систем да ги пронајде клетките на ракот, на начин кој е различен од сегашните имунотерапии. Овие антибиотици ги стимулираат белите крвни клетки, познати како Т-лимфоцити, да ги напаѓаат и уништуваат клетките на ракот.
- Го истражувавме тетрациклинскиот антибиотик миноциклин во крвта и туморското ткиво од пациенти со рак на белите дробови. Откривме дека миноциклинот ја подобрува антитуморната активност на Т-лимфоцитите, со таргетирање на галактин-1, кој е имуносупресивен протеин произведен од клетките на ракот - истакнал Мари Тоун, водечки автор на студијата.
Тимот открил дека галактин-1 им помага на клетките на ракот да се сокријат од имунолошкиот систем, со тоа што ги спречува цитотоксичните Т-лимфоцити да стигнат до туморот. По третман со тетрациклин, галактин-1 повеќе не може да ги спречи Т-лимфоцитите да го нападнат туморот. Блокирањето на галактин-1 може да биде клучот за создавање на новите третмани за рак.
- Овие антибиотици имаат различен механизам на дејство од инхибиторите на имунолошкиот контролен пункт и другите имунотерапии кои се користат за лекување на ракот. Се надеваме дека ова истражување ќе доведе до развој на нови лекови кои таргетираат различни имунолошки патишта и можат да им користат на луѓето заболени од рак, особено на оние што немаат корист од сегашните имунотерапии - вели Кота Ивахори, еден од авторите на студијата.
Тетрациклинските антибиотици се користат многу години за лекување на пациенти со заразни болести. Сега, овие стари лекови може да го насочат патот до нови имунотерапии за пациентите заболени од рак, кои моментално имаат малку опции за третман.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik