X
 18.05.2026 Живот

Кина успеа да изгради облакодер од 26 ката за 5 дена

Додека во поголемиот дел од светот изградбата на повеќекатници трае со години, една кинеска компанија успеа да изгради зграда од 26 ката за само пет дена. 

Облакодерот со повеќе од 200 станови никнал со речиси неверојатна брзина благодарение на технологија што целосно го менува начинот на кој денес се градат зградите.

Станува збор за станбениот комплекс „Џингду Холон“, изграден во кинескиот округ Сјангјин. Зградата ја изградила компанијата „Брод груп холон“, позната по ултрабрзата градба. Работата траела од 7 до 11 јануари 2024 година, а за тоа време бил монтиран целосен облакодер со површина од околу 14.000 квадратни метри и вкупно 208 стана.

Тајната на неверојатната брзина се крие во начинот на градба. Наместо класично ѕидање, бетонирање и повеќемесечни завршни работи, целите станови однапред биле изработени во фабрика како готови модуларни блокови од не'рѓосувачки челик. Секој модул е долг 12 метри, висок 3 метри и широк 2,4 метри, а од фабриката излегува речиси целосно завршен. Во него веќе се поставени електричните инсталации, цевките за климатизација и голем дел од внатрешното уредување. Кога модулите ќе пристигнат на градилиштето, работниците со помош на кранови едноставно ги редат еден врз друг како огромни лего-коцки.

Во проектот во Сјангјин учествувале речиси 100 работници, чија задача била да ги поврзат конструкцијата, струјата и водоводните системи меѓу модулите. По завршувањето на монтажата требало само да се приклучат водата и електричната енергија за зградата да стане функционална.

Компанијата дополнително ги опремува становите со мебел, па станарите практично можат веднаш да се вселат. Секој кат содржи 8 стана од по 68 квадратни метри, а во зградата има и 4 лифта. Становите ќе бидат наменети за експерти кои доаѓаат во градот преку посебна програма за привлекување таленти, а во првите две години нема да плаќаат кирија.

Ова не е првпат „Брод груп“ да му го привлече вниманието на светот. Компанијата уште во 2021 година успеала да изгради 11-катница во кинескиот град Чангша за само 28 часа и 45 минути.

 


Експертот за модуларна градба Тони Фрост од Нов Зеланд минатата година посетил една од тие згради и изјавил дека бил изненаден од квалитетот на конструкцијата. Според него, внатрешноста е цврста и стабилна речиси како класична бетонска зграда, додека технологијата и системите во објектот се многу модерни. Особено го импресионирал системот за филтрирање вода, кој овозможува водата од чешма да биде безбедна за пиење.

Генералниот директор на „Брод груп“, Ли Шун, вели дека челичната конструкција подобро ги апсорбира сеизмичките бранови од бетонот и има помал ризик од пукање или уривање при потреси.

„Брод груп“ оди толку далеку што тврди дека нивните згради би можеле да траат повеќе од илјада години.

Глобалниот пазар на модуларна градба денес вреди околу 95 милијарди долари годишно, а кинеските проекти како овој покажуваат дека иднината на градежната индустрија би можела да изгледа поинаку од сè на што сме навикнати. Додека класичната градба трае со години, Кина веќе покажува дека е можно да се изгради цел облакодер за помалку од една работна недела.

Извор: Nova.rs
Фото: Screenshot/YouTube

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот