X
 18.07.2022 Наука

Дигиталната писменост не го запира ширењето дезинформации

Тоа што можете да забележите лаги, не значи дека нема да ги споделите

Изминативе години има голема загриженост поради ширењето дезинформации на социјалните мрежи. За тоа се зборуваше за време на претседателските избори во САД во 2020 година, продолжува да биде проблем за време на пандемијата на ковид-19 и игра многу важна улога во војната во Украина. Загриженоста е оправдана земајќи предвид дека последиците од верувањето во лажни информации може да ја обликува иднината на нациите и да влијае врз индивидуалното и колективното здравје.

Една популарна теорија за тоа зошто некои луѓе паѓаат на дезинформациите кои ги среќаваат на интернет е дека им недостигаат вештини за дигитална писменост, небулозен термин кој опишува како една личност ги владее дигиталните простори. Според теоријата, човекот на кого му недостигаат вештини за дигитална писменост може да биде поподложен да верува и да споделува лажни информации. Како резултат на тоа, луѓето што се помалку дигитално писмени може да играат значајна улога во ширењето дезинформации.

Овој аргумент има интуитивна смисла, но многу малку истражувања всушност се насочиле кон врската меѓу дигиталната писменост и подложноста да се верува во лажни информации. Има дури и помало разбирање на потенцијалната врска помеѓу дигиталната писменост и она што луѓето го споделуваат на социјалните мрежи. Истражувачи од Технолошкиот институт во Масачусетс ги истражувале овие потенцијални поврзаности.

Тие најпрвин посочуваат дека терминот „дигитална писменост“ се користи на многу различни начини, а првиот чекор во неговото изучување било дефинирањето. Тие имаат две дефиниции. Првата е дека дигиталната писменост е поседувањето основни дигитални вештини кои се потребни за ефективно да се најдат информации на интернет, како негово користење за одговарање на прашања како Кој е главниот град на Малави? Втората, пак, е фокусирана само на социјалните мрежи, прашувајќи дали луѓето разбираат како платформите одлучуваат што ќе им се појави на почетната страница.

Научниците испитале 1.314 Американци, им покажале наслови на вести за политика или ковид, од кои половината биле точни, а половината лажни и потоа ја измериле нивната дигитална писменост така што испитале колку се запознаени со различни термини поврзани со интернет и со прашување за тоа како „Фејсбук“ одлучува што да им покаже на почетната страница. Научниците ја испитале поврзаноста меѓу овие две мерки за дигитална писменост и двата крајни резултати - верувањето и волјата да се споделат точните наспроти лажните вести.

Студијата покажала дека дигиталната писменост навистина е добар предвидувач за нечија способност да разликува точна од лажна информација. Двете мерки за дигитална писменост биле независно предвидливи за тенденцијата на испитаниците фактичките вести да ги оценат како поточни од лажните. Резултатот бил ист без оглед на политичката определеност и без оглед на тоа дали вестите биле за политика или ковид.

Но, кога ја разгледале врската меѓу дигиталната писменост и волјата да се сподели лажната информација со другите на социјалните мрежи, резултатите биле различни.

- Луѓето што беа пописмени дигитално беше еднакво веројатно да споделат лажни вести како и луѓето на кои им недостига дигитална писменост. Исто како и во првите заклучоци, така и тука, (недостигот од) врската меѓу дигиталната писменост и споделувањето лажни вести не беше погодена од политичката припадност или дали веста е за политика или за пандемијата - пишуваат научниците.

Најизненадувачки за нив е тоа што дури и луѓе со висока дигитална писменост не биле имуни на споделување лажни вести, што звучи многу чудно. Ако сте дигитално писмени и можете подобро да разликувате вистинити и лажни вести, зошто не би било помалку веројатно да споделувате лаги? Според научниците, потенцијалниот одговор доаѓа од нивните претходни испитувања за тоа зошто луѓето шират дезинформации.

- Утврдивме дека иако повеќето луѓе не сакаат да шират дезинформации, социјалните мрежи им го одвлекуваат вниманието - луѓето брзо скролаат и нивното внимание е привлечено кон социјална валидација и други реакции, како на пример колку лајкови ќе добијат нивните објави. Тоа значи дека често забораваме и да се запрашаме дали приказната е вистинска или лажна кога одлучуваме да ја споделиме - велат научниците.

Извор: Scientific American
Фото: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука