X
 18.08.2018 Технологија

Зошто опаѓа посетеноста на „Фејсбук“?

Прегледувањето на „Фејсбук“ во последните две години е намалено за 50 отсто. Популарната социјална мрежа бележеше 8,5 милијарди месечни прегледи и беше втора најпосетена страница по „Гугл“. Сега бележи 4,7 милијарди.

Наглиот пад на популарноста може да се припише на контроверзниот скандал со приватните податоци на корисниците, но тоа не е единствениот проблем на компанијата на Марк Закерберг. Имено, сѐ повеќе тинејџери и млади лица се откажуваат од платформата, а како главна причина за тоа ги наведуваат родителите.

- Кога нашите родители почнаа да си прават профили, тука беше крајот - вели 24-годишниот Џордан Ранфорд, сумирајќи ги стравовите на својата генерација.

Проблемот „Родители на Фејсбук“ може да изгледа симпатично и простодушно, но податоците покажуваат дека речиси три милиони Европејци помлади од 25 години ги изгаснале своите профили или престанале редовно да ги посетуваат кога нивните родители ги увиделе благодатите од виртуелната комуникација. Поради тоа, но и поради скандалот со „Кембриџ аналитика“, „Фејсбук“ во јули претрпе незапаметен удар губејќи 120 милијарди долари во пазарна вредност за само еден ден.

Фото: Pixabay

Пад во бројот на корисници неодамна пријави и „Снепчет“, кој поради редизајнот остана без три милиони корисници. „Твитер“ остана без пет милијарди долари во пазарна вредност по постојаните обиди за контрола на содржината.

Сето ова се добри вести за другите платформи кои сакаат да седнат на тронот и да ја добијат титулата најпосетена страница на интернет. Сепак, тешко дека некој ќе го тргне „Гугл“ од првото место, кој бележи 15,2 милијарди посети месечно. Како и да е, „Јутјуб“ намириса крв, па со 4,5 милијарди прегледи опасно му дише во врат на „Фејсбук“, чии бројки веќе се преполовија на 4,7 милијарди. Во конкуренција е и „Амазон“, кој со две милијарди прегледи сака да ја му ја одземе четвртата позиција на „Јаху“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија