X
 18.08.2019 Живот

„Дајте ми ги вашите уморни, вашите сиромашни, кои можат сами да се грижат и кои нема да станат социјални случаи“

Муралот на кој е насликана Статуата на слободата со лисици на рацете, потпрен на хаубата на полициски автомобил, го привлече вниманието на минувачите во центарот на Лас Вегас откако висок функционер на администрацијата на Трамп, надлежен за имиграцијата, предложи на познатите стихови на Статуата на слободата да се додаде „проверка на материјалната состојба“.

Под псевдонимот Рециклирана Пропаганда, уметникот и британски имигрант Исак Зевалинг нацрта мурал откако директорот на имиграциската служба, Кен Цуцинели, на шега кажа дека треба да се поправи сонетот на Ема Лазаурс напишан на Статуата на слободата: „Дајте ми ги вашите уморни, вашите сиромашни, вашите стуткани маси, кои копнеат да дишат слободно“ и да пишува: „Дајте ми ги вашите уморни, вашите сиромашни, кои можат сами да застанат на нозе и кои нема да станат социјални случаи“.

- Го направив тоа за да ги потсетам сите на минатото на Америка, која била основана и изградена претежно од имигранти, за луѓето да можат да го применат тоа на современото општество и современите теми - изјави Исак.

1
Фото: Artwork by Izaac Zevalking

Минатата недела беа воведени измени во политиката за имигрантите што бараат државјанство или зелена карта. Според новите правила, имиграциските служби ќе имаат можност да ги одбиваат оние кандидати што повеќе од една година примаат марки за храна, бесплатна здравствена заштита или други социјални придобивки.

На прашањето кои имигранти сега ќе бидат добредојдени во Америка, Цуцинели рече: - Сите имигранти што се самостојни и можат да се грижат за себе - во согласност со американската традиција.

Но, критичарите на новите правила стравуваат дека ќе се користат за да се спречат посиромашните имигранти да стапнат во Америка.

- На имигрантите ќе им биде забранет влез во САД доколку се утврди дека постои веројатност да станат социјални случаи - се наведува во документот од Белата куќа.

Институтот за имиграциска политика проценува дека како резултат на оваа промена, половина од кандидатите што аплицираат за зелена карта би можеле да бидат одбиени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот